Деспотовски: Не трчаме по камери и лопати, туку трчаме по поголеми плати за поголем број наши сограѓани и повеќе пари во буџетот

 

Со нов квалитативно различен пристап во привлекување инвестиции успеавме да наметнеме повисоките плати за нашите сограѓани да бидат клучен сегмент во инвестициските планови на идните странски инвеститори со што дефинитивно се напушта концептот на евтина работна сила, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

“Не трчаме по камери и лопати, туку трчаме по поголеми плати за поголем број наши сограѓани и повеќе пари во буџетот. Бенефитот од странските инвестиција не е да имате успешна политичка кампања или да се претставите како успешни политичари. Бенефитот е што повеќе наши сограѓани да добијат подобри плати. Во изминативе девет месеци воведовме квалитативно различен пристап во привлекување на инвестиции. Ако фокусот порано, на нашите претходници и политички опоненти бил насочен кон поголем бројот на работни места и колку тоа ќе го продадат како успех во јавноста, нашиот е поголеми плати и тоа не прави различни. Од она што го гледаме сега во инвестициските планови дури и кај постојните инвеститори кои сакаат да вложат во нови проекти имаме плати за 20% до 30% поголеми,“ рече Деспотовски.

Тој посочи дека само првата јужнокорејска инвестиција во земјава промовирана минатата недела предвидува просечни бруто плати од 2000 евра за нашите сограѓани. Деспотовски очекува до крајот на годинава да продолжи трендот на раст на просечните плати во зоните, откако и минатата пандемиска година беше регистриран раст од 5,5%, а беа задржани и сите работни места.

Деспотовски посочи и дека анализата на економските движења во зоните покажува дека не само што е достигнато нивото пред кризата, туку е и надминато, а најави и нова до сега најголема инвестиција во земјава.

„Преговорите за досега највисоката инвестиција во земјава со вкупен обем од 100 милиони евра со германска компанија која е веќе активна во зоните се во завршна фаза. Тоа покажува дека деловната клима која ја наметна оваа влада и ТИРЗ, како и членството во НАТО и поинаквиот пристап влијаат врз тоа и постојните компании решаваат да инвестираат во нови фабрики. Воведовме нов начин на комбинирање на помошта и индивидуализирани пакети што не прави различни од другите. Покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот на странските инвеститори,“ рече Деспотовски. 

25.08.2021 - 20:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега