Делегацијата на ЕУ со осуда за инцидентот во Охрид

 

Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава ги осудува сите акти на насилство, како тој во Охрид и очекува властите да го истражат случајот.

– Ги осудуваме сите акти на насилство како што е овој. Очекуваме властите брзо да го истражат случајот и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата, се вели во одговорот од Делегацијата на ЕУ, на прашање од МИА за коментар на синоќешниот инцидент во Охрид.

Полицијата денеска приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид. Како што соопшти МВР, полициски службеници од СВР Охрид во рамки на преземените мерки и активности во координација со охридското ОЈО за расчистување на случајот со физички напад врз 21-годишниот охриѓанец Х.П., ги привеле С.К., С.К. и И.С. од Охрид.

Претходно, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски за МИА изјави дека синоќа околу 22.30 часот во полицијата било пријавено дека тројцата приведени прво во, а потоа и надвор од посочениот угостителски објект, физички го нападнеле Х.П., кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во охридската Општа болница, каде му била укажана лекарска помош.

Инцидентот претходно го осудија и претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот Османи, како и бугарскиот премиер Галеб Донев, бугарскиот претседател Румен Радев и бугарското МНР. 

20.01.2023 - 17:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега