Дебар: Розов марш за подигање на свеста за превентивни прегледи на дојка

 

Општина Дебар, како и изминатите и овој октомври се вклучи во кампањата за сензибилизација и подигање на свеста за рано откривање на ракот на дојка. Низ главната улица во градот, почнувајќи од општинската зграда па се до Пензионерскиот дом, се одржа „розов марш“ за борба против ракот на дојка, преку кој жени од сите националности, меѓу нив и излекувани или во тек на лекување,  заедно упатија апел за редовни превентивни прегледи.

Градоначалникот Хекуран Дука, кој и самиот припаѓа на лекарската фела, упати апел за поголема грижа за сопственото здравје, со почести прегледи и контроли, со цел, како што додаде, откривање на ракот на дојка во рана фаза.

-Ние како локална самоуправа се вклучуваме во кампањата  „Розов октомври – месец на сензибилизација и подигање на свеста за рано откривање на ракот на дојка“, како што тоа го направивме и изминатите години, што е во полза на здравјето на нашите сограѓанки. Апелирам за почести самопрегледи и редовни ехо и мамографски прегледи, затоа што статистиката за состојбата со откриени случаи со карцином на дојка станува загрижувачка појава, рече Дука.

Тој меѓу другото зборуваше и за причините за појавата на оваа болест, начинот на самопрегледи, како и за важноста од превенција на карциномот со навремено дијагностицирање.

Во општините Дебар и Центар Жупа, кои со зравствена заштита ги покрива дебарската Општа болница со проширена дејност, во просек годишно се дијагностицираат по шест случаи на рак на дојка.

16.10.2024 - 19:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега