Данска ќе одвои дополнителни 6,8 милијарди евра за одбрана
Данска ќе одвои дополнителни 50 милијарди круни (6,8 милијарди евра) за одбрана во следните две години како одговор на растечката закана од Русија, изјави денеска данската премиерка Мете Фредериксен.
– Купувајте, купувајте, купувајте. Купете она што може, овде и сега, да придонесе за посилна одбрана, а со тоа и посилно одвраќање, рече Мете Фредериксен, која сака масовно да ја вооружи војската на земјата.
– А ако времето на чекање е предолго за она што повеќе би сакале да го имаме, земете нешто друго што може да се испорача побрзо, додаде премиерката, наведувајќи дека брзината е многу важна бидејќи се доцни.
Со оваа најава, одбранбените напори на Данска, еден од главните поддржувачи на Украина, се зголемени на три отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП).
– Според НАТО, Русија за три месеци произведува повеќе муниција отколку НАТО за цела година. Ако сакаме да го промениме ова, за да може Европа да се одбрани, немаме време за долги процеси или да чекаме сложени тендери, рече данската премиерка.
Данската војска има особена потреба од системи за противвоздушна одбрана.
По неодамнешниот итен состанок на некои лидери на Европската унија во Париз во врска со Украина, Мете Фредериксен предупреди дека „Русија, за жал, сега и се заканува на цела Европа“.
Данска и обезбеди воена поддршка на Украина во вредност од околу 7,2 милијарди евра од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа