Дали Западот успеа да ја приклешти Русија со санкциите?

 

„Фондот за црни денови“ на Путин е речиси преполовен за една година. Буџетскиот дефицит на Русија скокна на 1,76 трилиони рубљи (24,78 милијарди долари) во јануари под влијание на остриот пад на приходите, особено од продажбата на енергетски производи, и скокот на расходите, покажуваат прелиминарните податоци на руската влада.

Приходите од продажбата на нафта и гас во јануари изнесуваат 426 милијарди рубљи и се за 46,4 отсто помалку во однос на истиот месец минатата година, објави Министерството за финансии, повикувајќи се на прелиминарни податоци. Падот на приходите од клучните извозни производи на Русија првенствено се припишува на пониските цени на нафтата со ознака Урал и намалениот обем на извоз на природен гас.

Приходите кои не се поврзани со нафта и гас паднаа за 28 отсто, на 981 милијарда рубљи, поради понискиот данок на додадена вредност (ДДВ) и приходите од данокот на доход. Така, вкупните буџетски приходи во јануари биле за 35,1 отсто помали од истиот период во 2022 година и изнесувале 1,35 трилиони рубљи. Расходите, пак, се повисоки за 58,7 отсто и изнесуваат 3,12 трилиони рубљи и веќе надминаа десетина од вкупно планираните трошоци за 2023 година.

Дефицитот во јануари веќе достигнува 60 отсто од планираниот дефицит за целата година, од 2,93 трилиони рубљи. Москва се потпира на приходите од нафта и гас за финансирање на буџетските трошоци, а минатата година тие изнесуваа околу 11,6 трилиони рубљи. Иако некои руски функционери се обидоа да ја намалат ефективноста на ограничувањата на цената на нафтата и ембаргото за рускиот извоз на енергија, министерот за финансии Антон Силуанов минатата година рече дека ограничувањето на цената може да го зголеми буџетскиот дефицит во 2023 година.

Поради западните санкции, Москва беше принудена да продава енергија по значително пониски цени. Во јануари цената на нафтата Урал беше 49,48 долари за барел и беше за 42 отсто пониска од пред една година. Рускиот буџет за 2023 година се базира на цената на Урал од 70,10 долари за барел. Министерството за финансии во понеделникот извести дека размислува да се префрли на друг показател за цени за даночни цели, додавајќи дека цената на Урал повеќе не е репрезентативна за извозната цена на руската нафта.

Извршниот директор на нафтената компанија Роснефт, Игор Сечин, во понеделникот изјави дека Европа повеќе нема да ја одредува референтната цена за Урал, бидејќи најголемиот купувач на руската нафта сега е Азија. Според прелиминарните податоци од трговците и пресметките на Ројтерс, во јануари, околу 70 отсто од натоварената нафта Урал имала дестинација во Индија.

„Доколку руската нафта не влегува на европскиот пазар, тогаш нема ниту референтна цена. Референтните цени ќе се формираат онаму каде што се испорачува нафтата“, рече Сечин. За покривање на дефицитот, Русија најмногу се потпира на задолжувањето на домашниот пазар, кое нагло се зголеми во последниот квартал од 2022 година, и на фондот за „црни денови“, кој се состои од приходи од продажба на енергенси, потсетува Ројтерс.

Државниот фонд за стабилизација изнесува 155 милијарди долари, а за покривање на дефицитот во јануари продадени се злато и кинески јуани во вредност од 38,5 милијарди рубљи, соопшти во понеделникот Министерството за финансии. 

08.02.2023 - 09:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега