Дабиќ распали по новономинираните амбасадори: Сите се мажи, а некои не знаат странски јазик

 


Жестока реакција до медиумите испрати Зоран Дабиќ, кој, повикувајќи се на блиски владини извори, вели дека на вчерашната седница биле номинирани 15. кандидати за амбасадори, од кои скоро сите биле мажи, и за кои вели дека меѓу нив има некои кои не говореле странски јазик.

„Од извори блиски на Владата дознаваме дека на нејзината вчерашна седница биле номинирани („поминати“ во дипломатски жаргон) петнаесетина кандидати за амбасадори. Првичната анализа, гледајќи ја листата која треба да е се уште затворена за јавноста (а протекла на повеќе места), кажува дека пристапот на Владата е се помалку критичен, а се повеќе пазарно ориентиран.

Дипломатијата, барем според Владата останува „машка работа“. Речиси сите кандидати за амбасадори се мажи. Ништо од толку прокламираната родова рамноправност.

Во „шарената дружина“, составена од професионални дипломати и политички назначувања по кој знае кој пат имаме кандидат кој не говори ниту еден странски јазик, освен српскиот (со надеж дека за таму каде што е упатен нема да му треба друг) ; еднаш одбран кандидат за поранешниот ни главен град сепреупатува на друга дестинација (дали истата ќе биде и последна?), а номиниран е и кандидат што на социјалните мрежи, како директор на важна државна институција покажал недостаток на одмереност и кавгаџиски однос кон соговорниците.

Од „професионалните“ дипломати, номинирана е кандидатка за престолнината на BREXIT (една од малкуте жени, а можеби и единствена номинација) која во јавноста е запаметена по штиклите во кал и приватно возење со хеликоптер на АРМ, како и по тоа што била галениче на поранешна министерка за одбрана. Внатре во МНР, таа пак ќе остане запаметена од колегите по емотивните изблици уште во првата недела по враќањето во МНР на висока функција во чувствителен сектор и масовно напуштање на вработените од нејзиниот директорат. Тука се и еден вечит конзуларец (инаку вујко на долгогодишен министер во клучен ресор во екот на финансиската криза), без никакво искуство во политички работи, кој една деценија се заборави во странство по конзулати; еден анонимен дипломат од средно-ниско ниво, сопартиец на министерот, кој за награда што прифатил да биде член на Работната група за менување на Уставот за возврат е номиниран за амбасадор во „тешка“ држава каде што односите помеѓу најортодоксните христијани и муслимани се со децении  супер затегнати, како и еден кандидат што целата своја кариера ја има посветена на ЕУ, но е изненадувачки номиниран за една скандинавска држава, како очигледна компензација за тоа што партиски кадар на ДУИ му го „земал“ местото и е веќе упатен во македонската Мисија при ЕУ во Брисел“, реагира Дабиќ.

Ваквата итна „евакуација“ на најблиските соработници на господинот Османи упатува на заклучок дека бродот на Османи полека почнува да се полни со вода, а времето на мирна пловидба истекува. Првите појаси за спасување се фрлени, додава тој.

27.04.2023 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега