Д-р Ангелчо Андоновски: Ја изгубивме битката со иселувањето на лекарите

Македонија ја губи битката со иселувањето на медицинскиот персонал и тоа е еден од најголемите проблеми во здравството кое со години пробемите ги става под тепих. Доктор Ангелчо Андоновски, во интервју за Прес24, темелно ги анализира состојбите во здравствто, оценувајќи дека наследените проблеми не се решени поради немање стратегија и лошо менаџирње.

-Несомнено на сите ни е јасно дека војната против белата чума и иселувањето на белите мантили со сигурност ја губиме. Сведоци сме дека проблемите кои беа наследени од претходната власт се уште не добија разрешница. Причините се објективно во неорганизирана поставеност на одредени законски нормативи кои иако навидум беа заеднички усвоени и потпишани сепак покажаа голем број недостатоци, вели Ангелчо Андоновски во интервјуто за Прес 24.

Тој потеницра дека во светот и покрај постоење на светската здравствена криза заради Ковид -19, тие здравствени системи функционираа и напредуваа, само кај нас бевме зтечени од кризата.

-Поради неимплементирање на здравствената национална стратегија, здравствениот систем и сите што учествуваат во него се се уште нефукционални и некоординирани. За да постои успешно управување треба да се има квалитена раководна структура која со своите професионални и менаџерски способности би го раководела расположливиот кадар, а во исто време би создавала и нов. Само на тој начин би се решиле проблемите кои постојат во здравството, вели доктор Андоновски.

Според него решенијата на проблемите мора да се бараат во имплементација и прилагодување кон успешни здравствени модели.

-Тие модели ги користат сите расположливи ресурси кои се неопходни да граѓаните добијат квалитени здравствени услуги. Ќе напоменам дека станува збор за осигурителни компании, трет здравствен столб, нов начин на одлевање на средства за здравствените услуги кон поединци, во зависност од струката со која се занимаваат и ред други модалитети кои фукнционираат дури и во соседните држави, вели во инѕервју за Прес24, доктор Ангелчо Андоновски.

ПРЕС24: Секогаш кога разговарам со луѓе од лекарската фела прво што ги прашувам е зошто Македонија денеска има полош здравствен систем од оној што го имаше во рамки на Југославија пред 1990 година?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Прво да ве потсетам доколку се сеќавате дека Југославија го имаше својот ЈУС стандард кој беше еден од најаките стандарди во светот, а македонските институции од своето остамостојување не можат ни ISO стандардот да го исполнат. Второ од осамостојувањето па се до ден денес, без разлика кој и да управуваше со државата, дури и на веќе прилагодени формули во другите напредни држави не се најде заеднички јазик помеѓу сите чинители потребни ваков мал здравствен систем да биде фунционален. Сведоци сме дека експертизата која требаше да следува не беше дадена во раце на способни менаџери кои што умееа, можеа и се разбираат во импликативноста на одредени успешни здравствени системи како што се Германскиот (Бизмарковиот систем), Американскиот модел и други кои требаше само да се прилагодат на нашите услови. Кога би било за критика не еднаш беше јасно напоменато дека проблемите во здравството не можат, ниту смеат да се пикаат под тепих.

ПРЕС24: Изминативе два месеци сме сведоци на два прилично сериозни проблеми. Првиот е врзан со бирократијата и се однесува на лицето кое почина чекајќи лек за Цистична Фиброза. Се испостави дека ако системот, односно државата сака, може да најде решение и за краток период. Вие не сте дел од тој систем, но сте еден од експерите во здравството кој десетина и повеке години прокламираше добри идеи за реформи. Ве прашувам што е клучниот проблем зошто ние не можеме да се поставиме во улога на здравјето на пациентите како примарна цел?

Д-Р, АНДОНОВСКИ: Доколку реално би сакале чинителите на здравствениот систем како што е Министерството за здравство, ФЗО, агенција за лекови би се нашол соодветен протокол кога станува збор за конкретен проблем од аспект на ретките заболувања. Во нашата држава не постои национална стратегија за здравство иако беше промовирана дека постои всушност до сега не слушнавме ниту еден збор, мислење или начин на спорведување и имплеменатција на истата. Грешките низ периодов беа јавно критикувани без разлика на случувањата кои што ги имаше кај нас и во светот, клучните институции потфрлија и се направи тотална дезинтеграција на целиот здравствен систем кој што претходно девастиран сега само го доживеа хаосот. Од многу експерти и познавачи на проблемите од областа на економијата, здравството, правото, труд и социјала понудија и програмски решенија кои што секако не најдоа примена и на пандемиската карта беа фрлени во нечија фиока. Доколку би се побарало конкретно европско решение за да овој систем го поставиме во улога на здравјето на пациентите, несомнено би се активирала свеста, а и експертската способност на кавлитетни луѓе кои што беа и се докажаа како врвни менаџери во здравствениот систем. За тоа во еден одреден временски период на стартот на идното убаво време беше видливо преку успешни примери. Тогаш се говереше за превентива, акцент да се даде на примарна и секундарна здравствен заштита, унапредување на електронскиот здравствен систем, едукација на млади кадри и се што наговестуваше лекување на веќе болниот здравствен систем.

ПРЕС24: Случајот со ФЗО е посебна приказна. Разбирливо е дека во услови на глобален конфликт, во услови кога хибридните напади се дел од нечија стратегија да резултираат и врз Македонија. Но, нелогично е некој тоа да не го превенира, особено кога станува збор за систем каде се лоцирани најголемиот број лични податоци на граѓаните?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Не само нашата држава е цел на ваков вид на војна, ова се користи многу одамна и сме слушале и читале за хакерски напади на врвни институции дури и во најразвиентите технолошки држави. Бевме сведоци кога пред некоја година отворено и новинарската фела говореше за хакирање на неколку клучни институции во државата. Кога станува збор за вакви хибридни напади на, во случајот нападот врз ФЗО, постои нелогичност и се постваува прашање зошто тој систем не е заштитен и дали навистина се работело на тоа да биде заштитен. Многу порано се говореше за систем во кој што сите овие несакани последици ќе беа минато. Доколку тој електронски систем беше навремено имплементиран ќе се решеа и многу други проблеми кои ФЗО ги има. Исто така само ќе наведам дека никој не знае дали личните податоци на граѓаните ќе бидат злоупотребени.

ПРЕС24: Настрана од оваа ситуација, која можеби беше и повод за активирање на синдикалното движење во здравството, сепак најавите за протести остануваат, а се чини дека причини има доста?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Несомнено на сите ни е јасно дека војната против белата чума и иселувањето на белите мантили со сигурност ја губиме. Сведоци сме дека проблемите кои беа наследени од претходната власт се уште не добија разрешница. Причините се објективно во неорганизирана поставеност на одредени законски нормативи кои иако навидум беа заеднички усвоени и потпишани сепак покажаа голем број недостатоци. Колективниот договор на здравствените институции требаше да биде по ист терк, но напротив секоја здравствена институција има своја специфичност и спрема тие специфичности требаше да се состават посебни колективни договори. Во услови кога беше актуелна пандемијата немаше ни соодветен буџет и рационален тек на користење на буџетските средства од страна на здравствениот систем сега се соочуваме со огромни долгови на здравствените институции, а моментално решение нема.

ПРЕС24: На што се должи проблемот во здравството, на лошата политика на менаџирање, или на непрофесионалноста на лекарите? Д-Р.

АНДОНОВСКИ: Можам да констатирам дека во светот и покрај постоење на светската здравствена криза заради Ковид -19, тие здравствени системи функционираа и напредуваа, само кај нас бевме зтечени од кризата. Поради неимплементирање на здравствената национална стратегија, здравствениот систем и сите што учествуваат во него се се уште нефукционални и некоординирани. За да постои успешно управување треба да се има квалитена раководна структура која со своите професионални и менаџерски способности би го раководела расположливиот кадар, а во исто време би создавала и нов. Само на тој начин би се решиле проблемите кои постојат во здравството.

ПРЕС24: Ова повеќе Ве прашувам во контекст на општо прифатената перцепција на јавноста која вели: Ако немаш пријател во здравство, подобро не оди на лекар? Не е ли тоа загрижувачки?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Апсолутно дека е загрижувачки и покрај фактот дека имаме функционален систем за закажување на прегледи “ Мој термин “. Недостатокот е директно прецизиран токму на кадарот кој што е расположлив во моментов. Да сето тоа биде правилно и функционално сработено, мора да постои систем на наградување, но и на санкционирање на поединци кои се интегрирани во системот. Се надевам дека во иднина ќе бидеме подучени од фактот дека треба да се фукнционира во рамките на расположливиот кадар и ќе ја промениме здравствената култура каде превенцијата ќе биде на прво место, а со тоа ќе се намали оптеретеноста на здравствениот кадар. Тогаш нема да има потреба од пријателство туку од професионалност.

ПРЕС24: Случајот Жан Митрев отвори една нова страница во функционирањето на здравството. Приватното наспроти јавното здравство. Овде не Ве прашувам за овој случај, туку за системот. Мислите ли дека сегашниот модел на здравствено осигурување би требал да претрпи измени. На пример што мислите за ваучер модел на здравствено осигрување со кој можете да бирате каде да се лекувате, јавно или приватно здравство?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Претходно, во почетокот на интервјуто наведов дека е потребно имплементација и прилагодување кон успешни здравствени модели. Тие модели ги користат сите расположливи ресурси кои се неопходни да граѓаните добијат квалитени здравствени услуги. Ќе напоменам дека станува збор за осигурителни компании, трет здравствен столб, нов начин на одлевање на средства за здравствените услуги кон поединци, во зависност од струката со која се занимаваат и ред други модалитети кои фукнционираат дури и во соседните држави. Неопходно е да се употреби знаењето и експретизата на навистина докажани и квалитетни кадри кои што ќе придонсесат кон прилагодување на моделот во нашето здравство. Јавно приватни партнерство е возможно во сите три столба на нашиот систем (примарно, секундарно и терциерно здравство).

ПРЕС24: Медицинскиот кадар станува сериозен проблем. Можеби тој индиректно е поврзан со светскиот тренд на преселба на лекарите, Европа во арапскиот свет, Источна Европа кон Западна Европа, Балканот кон новите членки на ЕУ, но сепак во Македонија недостасува стратегија како да се зачува тој медицински кадар. Која е иднината на македонското здравство?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Да, реков дека битката за одливот на белите мантили е изгубена. Недостаток на стратегија како до повисоки плати токму на овие професионалци застана и не доби соодветна разрешница. Сведоци сме дека колегите од околните држави имаат двојно или тројно поголеми плати од нас. Би понудил еден модел за решавање на овој проблем преку концентрирање на медицинскиот кадар во регионални здравствени институции кои што би биле од голем обем и ќе опфаќаат поголеми региони каде што сите осигуренци ќе ја најдат неопходната стручна помош. Таквиот начин со помош на соодветен менаџерски тим кој би работел и раководел рационално медицинскиот персонал и медицинските тимови би имале поголеми плати и бе се залагале за секој пациент и за свое професионално надградување. Иднината на македонското здравтство само ако сите учесници кои го сочинуваат здравствениот систем функционираат несебнично заеднички и сплотено.

ПРЕС24: Вие Вашата професионална активност ја посветувате на децата и педијатријата како гранка. Во тој контекст сакам да Ве прашам што покажуваат искуствата после Ковид 19, дали Педијатријата има нов предизвик?

Д-Р. АНДОНОВСКИ: Аполутно дека педијатријата секогаш мора да има нов предизвик, тој предизвик е нашата иднина, а тоа се децата. За мене лично СЕ ЗА ДЕЦАТА стана моја максима и правец токму за оние кои се грижат за здравјето на децата. Посакувам иднината на оваа фела биде сериозно сфатена бидејќи покрај големите напори да се создаде кадар, педијатрискиот кадар сепак недоставуава. Новите правци, модерната медицина токму во педијатријата бара поголема информираност и поголем број на едукации, апсолутно во сите гранки на педијатријата. На поводик е новиот бран на телемедицината каде пионери се модерните општества првично поради невозвожноста да се добие квалитетна услуга од страна на соодветни лекари, а исто така и заради одалеченоста од централизираната установа. Секако дека со своето искуство ќе продолжам да бидам носител на сите промени и на сите новитети во медицината односно педијатријата и ќе се залагам за реформите во здравствениот систем.

27.02.2023 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега