Цените на становите во Скопје се очекува да продолжат да растат
Трендот на пораст на цените на становите во главниот град продолжува. Како резултат на зголемената побарувачка на станови во корелација со намалената понуда, цените на градежните материјали и атрактивните станбени кредити, овој тренд се очекува да продолжи. Уште во април, градежната комора на Македонија го предвиде растот со кој истакнаа дека се очекува цената на квадрат во центарот на Скопје да достигне 2 000 ЕУР.
Оттаму ги истакнуваат главните причини за растот на цените и велат дека тие допрва ќе растат со оглед на помалиот број издадени дозволи за градење во изминатата 2020 година, глобалниот раст на цените на градежните материјали, како и недостигот на работна сила. Иако изгледа дека понудата на станови е голема, во суштина таа не е доволна за да ја покрие побарувачката и затоа се очекува да продолжи растот на цените. Трендот на понудата на станови се гледа од податоците на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека во 2020 година бројот на завршени станови е 1 194, што е речиси за 60 % помал во однос на 2019 година, кога биле завршени 2 905 станови. Растот на побарувачката може да се увиди во порастот на процентот на издадени станбени кредити од извештајот што го објави Народната банка.
Според податоците на Народната банка, салдото на издадени станбени кредити со состојба во јуни 2021 година изнесува 1 024 милијарди евра, што е за 136 милиони или 15,3 % повеќе споредено со истиот период во 2019 година. Оваа година инвестициите во градежништвото бележат нагорен тренд, при што може да се забележи податокот дека во последните 12 месеци во Скопје се издадени одобренија за градење вкупно 2 936 нови станови што би биле готови во следните 24 месеци. Намалената понуда на станови на пазарот укажува на фактот дека во периодот што следува цените на становите би продолжиле да растат.
Пандемијата го забави трендот на градежните активности, но ја покажа и важноста од поседување сопствен стан. Притоа, побарувачката продолжи да расте како за купувачите што инвестираат во стан за свое живеалиште, така и кај купувачите што сакаат да ги инвестираат своите средства. Поради константниот раст на цените на становите, постои можност дел од штедните депозити што граѓаните ги имаат во банките во иднина да ги инвестираат во недвижности, а со тоа би се влијаело врз зголемената побарувачка.
Од агенциите за недвижности велат дека очекуваат да продолжи позитивниот раст на цените и истакнуваат дека доминантна е побарувачката на станови со сопствени паркинг-места и близина до простори што овозможуваат надворешни активности, како што се паркови. Тоа се забележува кај купувачите што купуваат место за живеење, но и кај луѓето што инвестираат во стан, бидејќи им овозможува сигурен пласман за издавање со атрактивна кирија. Според сопствениците на агенциите за недвижности, инвестицијата во стан што ги нуди овие услови претставува инвестиција во „суво злато“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа