Цените на нафтата паѓаат четврта недела по ред
На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, четврти пат по ред, и трговците се загрижени поради слабата побарувачка во најголемите светски економии.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 1,05 отсто, на 80,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,65 отсто, на 75,90 долари.
Падот на цените четврта недела по ред, во еден момент спуштајќи се на најниските нивоа во последните четири месеци, е последица на стравувањата на трговците од слабеење на побарувачката.
Ова го покажаа податоците за растот на залихите во САД во претходната недела за 3,6 милиони барели, многу повеќе од очекувањата на аналитичарите. Производството остана на рекордни 13,2 милиони барели дневно.
„Падот на цената на суровата нафта е во спротивност со проценките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), кои прогнозираат тесна понуда во четвртиот квартал“, изјави Тамаш Варга од PVM.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа