Борел до иранскиот колега: Престанете да давате воена помош за Русија

Шефот на европската дипломатија денеска изјави дека на состанокот во Јордан побарал од својот ирански колега Хосеин Амир-Абдолахиан Иран да престане со репресијата на демонстрантите и давање воена поддршка за Русија.

Средбата, прва на тоа ниво меѓу двете страни од август, се одржа на маргините на регионалниот самит во Мртвото Море. Тоа се случи во време кога преговорите за иранската нуклеарна програма меѓу Техеран и големите сили се во застој.

На средбата учествуваа и европскиот координатор за преговорите што се водат во Виена, Енрике Мора и главниот ирански преговарач Али Багери, пренесе агенцијата Ирна.

„Неопходен состанок со иранскиот министер во време на влошување на односите меѓу ЕУ и Иран“, напиша Борел на Твитер. „Нагласив дека воената поддршка за Русија и внатрешната репресија во Иран треба веднаш да се прекине“, додаде тој.

ЕУ минатата недела воведе нова серија санкции против Техеран поради неговото задушување на демонстрантите кои ја потресоа земјата по смртта во притвор во средината на септември на една млада Иранка со курдско потекло.

Амир-Абдолахиан „го осуди пристапот на западните земји кој се состои во поддршка на бунтовниците и воведување незаконски санкции“ на неговата земја „под лажен изговор за заштита на човековите права“, соопшти неговото министерство.

ЕУ ги санкционираше производителите на беспилотни летала и командантите на иранските воздухопловни сили, кои ги обвинува дека се вклучени во продажбата на беспилотни летала на Русија, која ги користи во војната во Украина.

Техеран тврди дека никогаш не и испратил на Русија оружје за употреба во тој конфликт, а Амир-Абдолахиан денеска изјави дека неговата земја е „подготвена да ги реши сите недоразбирања со украинската страна“, се вели во соопштението за печатот.

Борел рече дека двете страни се согласиле да „одржат отворени канали за комуникација и да го обноват“ нуклеарниот договор. Во врска со ова, иранскиот функционер ги советува Европејците да „усвојат конструктивен и реален пристап“.

Во април 2021 година, во Виена, Иран и големите сили започнаа преговори за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, кој го гарантираше цивилниот карактер на иранската нуклеарна програма. Но, преговорите се во застој.

Тие се заглавени по прашањето за присуство на траги од збогатен ураниум на три локации, за што Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) бара објаснувања.

Делегацијата на МААЕ во понеделникот се состана со официјални претставници во Иран, меѓу кои беше и Мохамад Еслами, шеф на иранската организација за атомска енергија, според иранската новинска агенција ИСНА.

20.12.2022 - 13:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега