Борче е еден од хероите на пожарот во Пулс: Ја држев сопругата за рака, но настана стампедо
Борче Јованчевски е еден од оние кои успеале да се спасат од пожарот во Кочани во дискотеката Пулс, каде за жал загинаа 60 лица. Последната жртва е управителот на дискотеката, Александар Карадаковски, кој почина по лекување во Литванија. Неговото тело е веќе во Македонија, а ќе биде погребан утре.
- „Пејачите рекоа 'сите надвор, сите надвор, ќе се вратиме'. Тргнавме полека да излегуваме надвор, но наеднаш настана стампедо и хаос. Јас ја држев сопругата за рака и наеднаш од јаглеродниот моноксид се онесвестив, но Бог ми даде некоја сила, не знам како да опишам. Се разбудив, видов дека не ја држам веќе за рака. Пробав да излезам, но никако не успеав, бевме заглавени. Бог ми даде сила, се искачив, почнав да гребам и паднав долу пред скалите. Првото нешто што го направив, истурив вода на лицето и почнавме одма да ги извлекуваме луѓето. Многу од нив беа заглавени, сите пружаа рака, некој можеше да се извлече, а некој не. Морам да потенцирам дека до мене беше обезбедувањето, беше многу силен и можеше да извлече повеќе луѓе, па ги подававме сите нанадвор. После 10 минути дојде дедо ми, со него заедно почнавме да ги вадиме луѓето од дискотеката. Имаше запалено од едната страна бела даска која гореше, заедно ја кренавме даската и ја фрливме и дедо ми се повлече на страна“. вели Борче раскажувајќи за supportkocani.com.
Борче е уште еден од многуте херои кои таа вечер се жртвуваа за да помогнат на што повеќе луѓе да се спасат, а тој е и меѓу првите кој повикувал помош преку социјалните мрежи.
- Борче несебично се има враќано внатре во дискотеката и има помагано и спасувано заедно со останатите. Му благодариме од срце за неговата пожртвуваност, хуманост и несебичност“ - стои во описот на објавата на Сапорт Кочани.
View this post on Instagram
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа