Боки 13 бара Агелер да оди во Идризово: Добивам закани по животот
Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 за тврдењата дека е мета на тортура, за наводите дека има криминално постапување од Кривичен суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал кој го правеле највисоките државни структури, ја известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во медиумите, во кое се наведува дека се бара од Амбасадата и амбасадорка да го посетат Јовановски-Боки 13 во затворот.
„Молам за помош од ваша страна и молам во најкус можен рок да ме посетите во КПУ Идризово, вие или друго службено лице кое би било делегирано од ваша страна. Ова од причини што ценам дека е потребно и значајно со вас да споделам важни и сензитивни податоци со кој располагам а истите се од крајно сериозен карактер, а се директно поврзани со коруптивни дејствија на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури. Во тоа име, ве молам за заштита од ваша страна, бидејќи се соочувам со реални закани по мојот живот, особено поради тоа што инволивираните лица поседуваат реална моќ и влијание“, посочува Јовановски во писмото.
Освен ова, Јовановски ја известува Амбасадата за тортура со која тврди дека се соочува.
„Со овој писмен поднесок до вас сакам да ве запознаам и да ве известам за целата тортура која ја доживувам, покрај тоа што сум осуден без докази за сторено кривично дело, туку поради интереси на политичките и бизнис моќници во нашата држава. Во моментов се соочувам со сериозна тортура и незаконито и криминално постапување од страна на судските власти, поточно од страна на Основниот кривичен суд Скопје, па оттука чувствувам за потребно да ве известам за реалните состојби во нашиот правосуден систем, дотолку повеќе што за истите мои наводи располагам со докази. Со оглед на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата држава, чувствувам за должност да ви ги приложам следните документи од кои неспорно ќе можете да утврдите тенденциозно и незаконито постапување од страна на судот и поигрување со човечки живот, особено важно што мојата здравствена состојба е со животно загрозувачки карактер, согласно сите медицински докази кој ви ги доставувам во овој писмен поднесок заедно со судските одлуки од каде неспорно ќе можете да ја утврдите селективноста и незаконитото постапување на судот, дотолку повеќе што за ова судско решение изразувам основано сомневања дека е фалсификувано и антидатирано, за кое сомневање иницирав постапки пред надлежните правосудни органи“, додава Јовановски-Боки 13.
Претходно, писма за наводите за незаконски постапувања беа доставени до домашните институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа