Бочварски: Следната година ќе возиме по модерен експресен пат од Градско до Прилеп
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, придружувани од амбасадорот на НР Кина, Н.Е. Џанг Ѕуо, извршија увид на пробивање на втората тунелска цевка на експресниот пат Градско – Прилеп, на делницата Фариш – Дреново.
„Експресниот пат од Градско до Прилеп е приоритет, не само за Владата, тој има големо економско значење за сите граѓани, а посебно за жителите од Градско, Росоман, Прилеп, Битола, Ресен. Токму заради оваа огромна потреба, останавме цврсто на нашите приоритети да изградиме модерен и безбеден патен правец со огромни бенефити за развој на регионот, за побрза комуникација и за побезбеден сообраќај. Денеска сме присутни на пробивањето на десната тунелска лента на втората делница од Дреново до Фариш и можам слободно да го изразам нашето задоволство од динамиката на изградба на овој пат. На овие неколку локации во клисурата е потешкиот дел од трасата каде ни претстојат сериозни градежни зафати, но полека се оцртуваат финалните контури на експресниот пат“, изјави Бочварски.
Имаме преку 64% реализација и очекуваме дека со добра динамика како и до сега да ја завршиме изградбата на овој пат, додаде министрот за транспорт и врски.
Изградбата на еспресниот пат од Градско до Прилеп се реализира во две фази и тоа од Градско до Дреново и оваа од Дреново до Фариш.
„Ме охрабрува фактот што и на првата делница од Градско до Дреново се работи со максимално темпо. Инвестираме во изградба на овој експресен пат, за да создадеме побрза и побезбедна патна врска од централниот дел на државата кон Пелагонија, што е доволен показател за реализацијата на владините програмски цели за овој регион. Со ова даваме дознаење, кога се работи посветено, тогаш се градат и најтешките делници и тунели, со цел граѓаните да имаат широк бенефит. Овој пат е дел од европскиот Коридор 10-Д и поради тоа вложуваме максимални напори да го модернизираме и да го издигнеме на ниво на безбеден Коридор. Граѓаните треба да знаат колкава е комплексноста на овој проект. Се градат два тунели, 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, еден вијадукт, една галерија. Очекуваме максимално вложување на изведувачот, на градежната оператива, се со цел навремено и квалитетно да ги постигнеме зацртаните цели. Остануваме посветени на развој на инфраструктурата, на изгардба на нови патишта низ државата за просперитет и перспектива за нашите граѓани“, изјави Бочварски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа