Бочварски: Од пријавените семејства 32 се најдоа на прелиминарната листа за добивање стан во социјалната зграда во Гевгелија
Министерството за транспорт и врски денеска во Народниот театар во Гевгелија по електронски пат изврши прелиминарна јавна распределба на становите во социјалната зграда во Гевгелија на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Особено ми е драго кога политиките кои ги водиме носат резултати и ова е пример за нашата вистинска грижа, за обезбедување на хумани услови и достоинствен живот за граѓаните на кои тоа има е најпотребно. Би сакал да напоменам дека од пријавените семејства 32 се најдоа на прелиминарната листа и да потенцирам дека денешната распределба е само прелиминарна и не е конечна, изјави Бочварски по завршувањето на распределбата.
На јавниот оглас што го објавивме преку Министерството за транспорт и врски, нагласи, право на пријавување имаа следните категории на граѓани: деца без родители и родителска грижа со навршени 18 години кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на загарантирана минимлана помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица, припадници на ромска заедница и самохрани родители со малолетни деца.
-Во текот на наредните денови, комисијата составена од вработени од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за труд и социјална политика ќе изврши увид кај семејствата кои се наоѓаат на оваа прелиминарна листа. По завршувањето на теренскиот увид од страна на комисијата ќе биде утврдена и конечната листа со добитници на социјални станови. И тоа очекувам да се случи во најбрз можен рок, потенцира Бочварски.
Како Влада, додаде, остануваме целосно посветени на обезбедување на похумани услови за живот на најранливите категории граѓани.
-Грижата за социјалните семејства е приоритет на Владата и тоа за нас нема алтернатива. Продолжува нашата силна и континуирана поддршка на најранливите категории граѓани во државата. Преку проектот за изградба и одржување на социјални станови досега изградивме или во фаза на изградба се над 864 социјални станови низ целата земја, рече Бочварски.
Најави дека ќе следи и прелиминарна распределба и на социјалната зграда во Демир Капија и дека привршува изградбата на социјалната зграда во Неготино, во Велес, а континуирано течат изградбите и на зградите во општина Бутел, во Дебар и Кочани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа