Бобан Стефковски: Граѓаните се разочарани од власта и на изборите ќе победи ВМРО-ДПМНЕ

Press24: Повеќе од две години сте градоначалник на општина Гази Баба, што претставува половина од мандатот. До каде сте со реализацијата на ветената програма со која ја побаравте довербата од граѓаните?

Стефковски: Изборната програма со која ја добив довербата од граѓаните на општина Гази Баба да бидам градоначалник е моја водилка во секојдневната работа. Со моето доаѓање во општината, истата стана програма за работа на општината. Без воопшто да се двоумам, ќе кажам дека сум задоволен од реализацијата на програмата која во овој момент на половина од мандатот изнесува 72%. Но она што е важно и сакам да го нагласам е дека при мојот отчет за работата во изминатите две години кажав дека имаме реализирано 420 проекти од кој помалку од половина се дел од изборната програма, а најголемиот дел од нив произлегуваат од секојдневните барања на граѓаните. Едноставно делата се оние кои зборуваат за нашата работа.

Press24: Кој се топ 5те проекти кои сметате дека сте ги реализирале и се најважни во изминатите две години?

Стефковски: Имам кажано во минатото, но ќе кажам и во оваа прилика дека за мене сите реализирани проекти се подеднакво важни, бидејќи истите произлегуваат од потребите на граѓаните. Но доколку треба да се определам за 5 проекти тука би ги споменал: изградени 21 километар нова мрежа на фекална канализација, решен проблемот со водоснабдување на Брњарци и Раштак со што нема повеќе населени места во Гази Баба без вода за пиење, градиме нова училишна сала во ООУ Наум Охридски во Булачани, изградивме нова училишна сала во ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, изградивме 18 спортски терени со најсовремена тартан подлога, изградивме 41 детско забавно катче, за прв пат доделивме бесплатна училишна униформа за сите 6800 ученици, отворени сензорни соби во повеќе училишта, асфалтирани локални улици на површина од над 30.000 метри квадратни и многу други проекти.

Press24: Дали имате направено испитување на јавното мислење по однос на тоа дали граѓаните се задоволни од Вашата работа во изминатите две години?

Стефковски: Апосолутно, сето тоа што го работам и го правам е со цел преку реализацијата на проектите да го направиме подобар и поквалитетен животот на граѓаните на општина Гази Баба. Изминатиот период, некаде пред новогодишните празници е направено испитување на јавното мислење и повеќе од 65% од испитаниците имаат одговорено дека се задоволни од мојата работа како градоначалник на општина Гази Баба во изминатите две години што за мене претставува мотив да продолжам со уште повеќе работа.

Press24: Каков е односот помеѓу општина Гази Баба и Градот Скопје, имајќи ги предвид политичките превирања помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ?

Стефковски: Во администрацијата на општина Гази Баба има вработени кои работат во службите повеќе од 20 години и во една прилика, една од вработените ми рече: “Поминале многу градоначалници, често и од различни политички партии во општината и градот но ваква не соработка и не постоење на комуникација не е запаметена никогаш”. Овој мој цитат од една колешка го дава одговорот на вашето прашање.

Press24: А Вашиот личен однос со Арсовска? 

Стефковски: Со жалење можам да констатирам дека не постои никаква комуникација иако сметам дека тоа е погрешно, но е одлука на градоначалничката Арсовска, бидејќи знаете тука не се работи за однос помеѓу Данела и Бобан, тука се работи за однос помеѓу две институции. Јас неможам, а да не го споменам фактот дека градот Скопје од нас како општини добива соодветен процент од комуналии и даноци, а тие средства кои од нас ги добива потребно е градот да ги врати назад преку реализација на проекти, што во овој случај не е така.

Press24: Но Арсовска не мисли така и неодамна застана на чело на политичката партија Нова Алтернатива. Ваш коментар по однос на ова?

Стефковски: Ние жителите на Скопје имавме високи очекувања кои ги базиравме на основа на изборната програма со која таа излезе на изборите, но по изборите Арсовска комплетно ја заборави програмата. Што се однесува до оној чуден начин на застанување на чело на партијата Нова Алтернатива, она што е добро од тој чекор е тоа што Арсовска на изборите ќе може самата да види колкава поддршка ужива од Скопјани.

Press24: Неколку месеци не делат до оддржувањето на претседателските и парламентарните избори. Кои се Вашите очекувања од изборите?

Стефковски: Она што е евидентно од мојата секојдневна комуникација со граѓаните која ја остварувам на терен при промоција на проекти, но и при нашите редовни средби е дека граѓаните се разочарани од работата на владата на СДСМ и ДУИ. Сите ние сме сведоци дека оваа политичка гарнитура веќе седум години ги управува институциите во Република Македонија и нема ден да немаме нов скандал. Сето она што беше ветено на изборите во 2020 година остана само слово на хартија, нема нови автопати, нема нови работни места, инфлацијата секојдневно расне, здравството ни е во колапс, образованието комплетно го уништија, судството и обвинителството не уживаат никаква доверба од граѓаните, интеграцијата во Европската унија самите ја блокираа со прифаќање на непринципиелните барања на Бугарија, едноставно нема област во која со оваа влада Македонија не доживеа уназадување. Евидентно е од сите релевантни испитувања на јавното мислење дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и на претседателските и на парламентарните избори и идната влада на Република Македонија ќе ја предводи Христијан Мицкоски.

Press24: Многумина велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски потенцијал, што мислите дали ВМРО-ДПМНЕ ќе најде партнер за формирање на влада?

Стефковски: ВМРО-ДПМНЕ ја има најголемата коалиција, а тоа е коалицијата со народот! Да почекаме да се оддржат изборите и потоа да зборуваме за формирање на владата, а она што можам да Ве уверам е тоа дека иден премиер на Република Македонија ќе биде Христијан Мицкоски.

Press24: Кои се идните проекти кои може да ги очекуваат граѓаните на општина Гази Баба во новата 2024 година?

Стефковски: Во 2024 година ќе продолжи забрзаниот развој на општина Гази Баба преку реализација на многу нови проекти. Ќе започнеме со изградба на новата училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков во Ченто, нова детска градинка во Трубарево, а верувам дека во втората половина на годината ќе започнеме со изградба и на нова детска градинка во Инџиково, ќе започне комплетната реконструкција на културниот дом во Ченто, ќе продолжиме со изградба на нови канализациони системи, нови спортски и детски катчиња, ќе асфалтираме голем број на локални улици и многу други проекти.

Press24: Велите ќе продолжи забрзаниот развој на општината, а често во вашите објави го споменувате слоганот “Дела наместо зборови”. Ова е некоја Ваша нова кампања или?

Стефковски: Слоганот “Дела наместо зборови” не е дел од никаква кампања, туку тој ја отсликува моменталната слика во општина Гази Баба, а тоа е дека делата ги заменуваат зборовите. Граѓаните долги години слушале лажни ветувања и истите се дојдени во состојба да се соочуваат со децениски проблеми и токму поради тоа пред себе си поставив за цел дека е потребно да работиме одговорно, чесно и посветено по 12 часа на ден и да им покажеме на граѓаните дека кога се работи и во општина Гази Баба се реализираат проекти.

23.01.2024 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега