Блинкен: Изборите во Русија се недемократски, одржани во атмосфера на интензивна репресија

 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска оцени дека претседателските избори во Русија биле недемократски и оти поминале во атмосфера на, како што наведе, „интензивна репресија на независните гласови и затворање, смрт или егзил на речиси целата вистинска политичка опозиција“.

„Кремљ систематски ги маргинализира групите што се залагаат за демократски процеси и владеење на правото, вклучително и набљудувачи на изборите.

Руските власти исто така одбија да регистрираат антивоени претседателски кандидати под лажни изговори и не ја поканија Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа или која било кредибилна меѓународна организација да го набљудува гласањето“, рече Блинкен во соопштението на Стејт департментот.

Тој додаде дека овие потези илустрираат „до кој степен Кремљ им скрати на своите граѓани транспарентен и значаен демократски процес“.

„Во овој контекст, овие избори може да се опишат само како недемократски“, рече американскиот државен секретар.

Владимир Путин освои 87,28 отсто од гласовите на претседателските избори одржани од 15 до 17 март, покажуваат прелиминарните податоци што ги објави руската Централна изборна комисија врз основа на 100 отсто обработени гласачки ливчиња, пренесува „Танјуг“.

19.03.2024 - 17:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега