Битиќи: Со инвестициите во алтернативниот туризам Северна Македонија се поставува на мапата на атрактивни туристички дестинации

 

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој беа претставени успешните проекти поддржани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, што се оддржа во винаријата „Лазар“ во Кавадарци.

Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи рече дека програмата за поддршка на локалната и регионална конкурентност во туризмот, содржи 3 компоненти, техничка поддршка за развој на туризмот, подобрување на менаџментот на дестинациите и подобрување на околината и инвестирање во туристичките дестинации со вкупна вредност на буџетот за реализација која изнесува 23,9 милиони евра.

„Особено ме радува фактот што овие реализирани проекти значително влијаат врз нашиот локален туризам, но и врз целокупната економија на Република Северна Македонија преку зголемување на туристичката понуда која придонесе за отварање на нови работни места.  Токму оваа винарија во која сме денес, говори за успешноста на овој пројект во кој 19 микро, мали и средни компании беа поддржани со проекти со кои ја подобруваат својата инфраструктура и секако ја диверзифицираат палетата на услуги кои можат да ги понудат на туристите“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека покрај микро, малите и средните претпријатија, во делот на поддршка во инфраструктура беа поддржани уште 20 здруженија и асоцијации, како и 20 општини со проекти кои даваат една нова перспектива во насоките во кои треба да се развива нашиот туризам како економска гранка, и искажа благодарност до Европската Унија со чии средства беше овозможена имплементацијата на оваа програма, како и до Светска Банка во Скопје, која имаше улога на администратор на средствата доделени од Европската Унија.

Вицепремиерот Битиќи рече дека Северна Македонија нема море, но има прекрасни езера и планини, културно богатство, историското наследство, како и традицијата како предуслови да се биде на мапата на атрактивни туристички дестинации вредни да се посетат.

“Владата секогаш ќе поддржува вакви иницијативи, кои нашиот туристички потенцијал ќе го направи меѓународно конкурентен за привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација. 

 
Ние го препознаваме селскиот, авантуристичкиот, винскиот и алтернативниот туризам како една изворедна можност за нашите граѓани, бидејки Северна Македонија има што да понуди, и токму тука ќе се фокусираме да изградиме здрава стратегија за развој на оваа стопанска гранка“, изјави Битиќи и констатираше дека бенефиците за македонската економија од инвестициите направени во рамки на Проектот се повеќекратни, зголемување на бројот на туристите,  локални, и туристи од целиот свет, ова пак резултира со потреба за нови работни места, нови можности за развој и поголеми приходи за нашата економија.

Заменик- шефот на мисијата на Европската Унија во Скопје, Јулиан Васало истакна дека Европската Унија стои на располагање и има улога да и помогне на Северна Македонија да ги сподели со светот своите вредности и за развојот на туризмот.

„Помеѓу 2016 и 2021 година, ЕУ додели преку Програмата за локалната и регионалната конкурентност 18 милиони евра. Поддршка на 57 проекти на 10 туристички дестинации низ Северна Македонија“, истакна Васало.

Заменик- шефот на ЕУ мисијата, Васало рече дека долго се говори за туристичкиот потенцијал на Северна Македонија, и дека овој проект, потенцијалот го заменува со конкретна понуда.

„Поддршката што им се дава на општините, и на микро, малите и средните претпријатија и здруженија, позитивно се одрази на локалната туристичка економија и поттикна нови работни места. Освен тоа, им помогна на туристичките оператори да се справат со катастрофалните последици од пандемијата за овој сектор“, изјави Васало.

13.04.2023 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега