Битиќи: Производителите се доведени во ситуација да ги поскапат производите поради притисокот од трговците
- Се прават последните анализи, а тоа што го знаеме и веќе полека го утврдуваме е дека млечните производи не се поскапуваат од страна на производителите, тие се доведени во ситуација да ги поскапат за одреден процент производите поради притисокот од трговците. Штом ги дознаеме сите информации, соодветно ќе постапиме, дали со замрзнување на цените или со други мерки - се што е законски возможно ќе биде направено, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со поскапувањето на одредени прехранбени производи, Битиќи напомена дека некои трговски ланци нефер и неетички се однесуваат, не спомнувајчи притоа конкретни имиња.
Вицепремиерот уште еднаш потенцира дека нема да се толерира никој што ќе носи штетни одлуки за граѓаните.
-Добрите практики во трговијата не се практикуваат кај нас. Многу лесно со неколу прашања може да видите какво неетичко и нефер однесување имаат некои трговски ланци. Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Се додека сум на оваа позиција нема да останам нем, а практиките што тие ги практикуваат сметам дека ќе треба да бидат оставени за друго време, рече Битиќи.
За поскапувањето на лебот, потсети дека преработувачите веќе се изјаснија.
-Одредена асоцијација од стопанските комори кажа дека најавените поскапувања се шпекулации, дека нема услови за зголемување на цените на основните прехранбени производи, зашто сите параметри укажуваат дека има пад на суровините на прехранбените производи. Ќе го повторам ставот, мој и на министрите за економија, за финансии и за земјоделство - дека нема да се толерира ниту еден да направи одлуки кои ќе бидат на штета на граѓаните, нагласи Битиќи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа