Бајден му постави ултиматум на Нетанјаху


Американскиот претседател Џо Бајден му порача на Израел вчера дека САД ќе ја прекинат помошта доколку невини цивили продолжат да страдаат во Газа. За време на 30-минутниот телефонски разговор, Бајден му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел мора да преземе итна акција за да ги заштити животите на цивилите и да дозволи храната да пристигнува во Газа или САД ќе ја намалат поддршката за воената кампања на Израел против Хамас.

Тој додаде дека нападите врз хуманитарните работници и тешките услови за живот на цивилите во Газа се неприфатливи. Да потсетиме, во понеделникот при израелскиот напад врз возилата на хуманитарната организација World Central Kitchen (WCK), загинаа седум хуманитарни работници, меѓу кои има државјани на Австралија, Британија и Полска и еден двоен државјанин на САД и Канада.

Телефонскиот разговор на Бајден со Нетанјаху укажува на значителна промена во неговиот пристап кон Израел по нападите врз хуманитарните работници. Поточно, администрацијата на Бајден очекува Израел да отвори повеќе премини за помош за Газа, да дозволи повеќе камиони со храна да пристигнат и израелската војска да обезбеди премин за хуманитарните работници.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека Бајден бара Израел да преземе конкретни чекори „во следните часови и денови“ за да ги олесни тешките услови за живот во Газа. „Ако не видиме промени од нивна страна, ќе има промени од наша страна“, рече Кирби, а пренесува Тајм.

05.04.2024 - 10:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега