Австрискиот амбасадор: Австрија има разбирање за проблемот со пасошите и излегува во пресрет

 

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Австрија н.е, Мартин Памер.

На средбата, Тошковски го запозна амбасадорот Памер за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите кои ни претстојат.

„Моменталното раководство во МВР заеднички вложува напори и се залага овие избори да бидат европски, фер и демократски“, велат од МВР.

Тошковски го поздрави разбирањето на земјите членки на ЕУ кое го имаат во однос на техничката природа на прашањето за проблемот со патните исправи, изразувајќи волја за надминување на овој проблем.

Во оваа прилика дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка и уште еднаш ја потврди примарната обврска на која се обврза тој во рамките на оваа техничка Влада, а тоа е организирање на фер, слободни и демократски изборен процес.

Амбасадорот Памер стави акцент на досегашната соработка, која треба да продолжи да се развива и во иднина. Австрија е голем поддржувач на нашиот европски пат. Во однос на македонските патни исправи истакна дека Австрија има разбирање за овој проблем и излегува во пресрет на македонските граѓани кои непречено го остваруваат правото на слободно движење во Австрија со старите обрасци доколку истите имаат валиден рок и регулиран престој во Австрија.

На крајот од средбата, министерот Тошковски изрази уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на обемот на истата. Воедно се заблагодари за ставот на Австрија во однос на нашиот технички проблем со издавањето на патните исправи за македонските граѓани.

 
26.02.2024 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега