„Асошиејтед Прес” за средбата во Охрид: Високи влогови во разговорите
Западните власти се надеваат дека ќе биде постигнат напредок во разговорите со посредство на ЕУ меѓу лидерите на Косово и Србија овој викенд, во нов обид да се намалат децениските тензии меѓу „балканските непријатели“ и да се реши еден од најдолгите спорови во Европа, јави АП.
По повод новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на високо ниво, АП во текстот насловен „Високи влогови на новите разговори меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ“ наведува дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска се среќаваат во Охрид.
Агенцијата наведува дека двајцата привремено се договорија минатиот месец за текстот на планот на ЕУ од 11 точки за нормализирање на односите по конфликтот во 1998-1999 година и прогласувањето независност на Косово од Србија во 2008 година.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, кој претседава со денешниот состанок во Охрид, рече дека сега е време лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да ја споделат одговорноста за успехот на процесот на пристапување кон ЕУ во регионот,.
Агенцијата пишува дека Борел нагласи дека овие разговори ќе бидат фокусирани на тоа како да се имплементира предложениот план на ЕУ кој бара од двете страни да одржуваат добрососедски односи, меѓусебно да ги признаваат официјалните документи и националните симболи.
Ако планот биде имплементиран, тоа ќе го спречи Белград да ги блокира напорите на Косово да бара членство во Обединетите нации и другите меѓународни организации, наведува АП, додавајќи дека рамковниот договор подготвен од Франција и Германија и поддржан од САД не бара експлицитно заемно признавање на Косово и Србија.
Агенцијата посочува дека Александар Вучиќ во четвртокот изјави дека нема да потпише ништо на средбата во Охрид и дека претходно ветил дека нема да го признае Косово или да дозволи да стане членка на ОН, пренесе Бета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа