Арсовска: Не е наша одговорност што ЈСП нема пари за плати
Градоначалничката Данела Арсовска најави протест на протестот кој го најавија возачите во ЈСП кои немаат земено плата.
Додека вработените во претпријатието ќе протестираат против градската власт каде е Арсовска затоа што немаат добиено средства за нивната работа, Арсовска најави дека автобусите ќе ги стави пред сите институции во Скопје да стојат и блокираат сообраќај, се додека државата не го плати долгот кој го има кон ЈСП.
Според Арсовска, државата треба да ги исплати долгот пред се од човечки аспект. Пред новинарите кажа дека нема начин како присилно да наплати долг.
„Проблемот е во сите оние во оваа држава кои не си ги почитуваат обврските. Да, јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен како што беше најавено во програмата ‘За модерно Скопје’, тоа опфаќа целосно бесплатен јавен превоз во првите две години од почнувањето на мандатот, што значи во втората половина на следната година, бесплатен јавен превоз ќе има. Меѓутоа, со опструирање на сите институции во државата кои 30 години ја изедоа оваа држава, ние не можеме да градиме поквалитетен град, ниту поквалитетна држава. Секој треба да ја сноси својата одговорност и обврска. Тоа значи дека ако некој должи над 2 милиони евра, не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз туку треба да ги плати своите обврски. Истото се однесува за централната, но и единиците на локалната власт кои не си ги подмируваат своите обврски. Наша задача е да дадеме за граѓаните на Град Скопје сето она што сме го ветиле меѓутоа има многу фактори и сите ќе ја сносат својата одговорност доколку го саботираат процесот. Одговорноста треба да се бара кај тој што целиот процес го саботира. Јавниот интерес треба да биде пред се. Треба да се обезбеди најдобрата услуга за граѓани“, кажа Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа