Андонов: ЕСМ е клучниот столб во енергетиката

 

Директорот за развој и инвестиции и член на управниот одбор на АД ЕСМ, Виктор Андонов, денес беше дел од дводневната конференција „Година на европски можности“ во организација на Владата на Република Северна Македонија.

Андонов даде свое излагање во Панелот 2 – „Инвестиции во енергетска транзиција и инфраструктура за здрава животна средина и европска иднина“.

„ЕСМ е клучниот столб во енергетиката, па дури и во економијата на нашата држава.

Изминатиот период се соочивме со повеќе предизвици и не можеме да си дозволиме да застанеме или да не градиме нови капацитети за производство на електрична енергија.

ЕСМ ја почна првата транзиција во регионот со електраната во Осломеј. Тоа беше патот што Владата тогаш го трасира, дека треба да одиме во таа насока. Ја избра како најпогодна локација, стар рудник на јаглен, кој не може да се користи за друга намена. И благодарение на нашите партнери, меѓународните финансиски институции, ЕБОР, Европската инвестициска банка, УСАИД, КфВ, Германската развојна банка, се работи на сериозен план за трансформација и на ЕСМ и на комплетна декарбонизација на нашата економија. Ваквата трансформација е неопходна не само за заштитата на животната средина туку и за зајакнување и обезбедување сигурно производство на електрична, а и на топлинска енергија. Водородот е гориво на иднината и затоа во тој правец размислуваме и во однос на трансформацијата на нашите најголеми електрани, РЕК ‘Битола’, РЕК ‘Осломеј’ и ТЕЦ ‘Неготино’“, додаде Андонов.

Една од сериозните мотивации и можности е токму тој инвестициски план преку кој ни се овозможени 3 милијарди евра, средства што не се само за ЕСМ, туку за сите во државата, за домаќинствата, за приватниот сектор, за мали и средни претпријатија во регионите, кои биле засегнати со јаглен.

Транзицијата ќе биде скапа, а ако ја задоцниме, ќе биде уште поскапа. Имаме добри услови за да го направиме ова. Не само ЕСМ, треба сите да бидеме вклучени, да бидеме дел од оваа праведна транзиција.

На некој начин транзицијата е веќе почната бидејќи веќе имаме обични граѓани, кои за свои потреби си имаат изградено фотоволтаици.

За само 2 години, се изградија околу 600 MWh обновливи извори на енергија од приватни инвеститори, што е навистина добар тренд и треба да се продолжи со тоа темпо“, образложи директорот за развој и инвестиции во АД ЕСМ, Виктор Андонов.

На конференцијата во делот за енергетиката свое излагање дадоа и министерот за економија, Крешник Бектеши, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, Славјанка Пејчиновска-Андонова, консултат за животна средина.

23.01.2024 - 16:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега