Адвокатот на Пендиков за отсуството на обвинетиот: Секој што е сигурен во невиноста, ќе направи се да докаже
Адвокатот Стефан Камишевски смета дека обвинетиот Илија Спасески за претепувањето на Христијан Пендиков, требало да се појави на рочиштето, ако е сигурен дека е невин. Според Камишевски, обвинетиот, наместно изговори, треба тоа да го докаже. Посочи и дека Пендиков добива се уште закани, па додаде: „Не сум орган на прогон, ниту обезбедувач – дали е безбеден или не, не знам“.
„Секој кој што е 100% сигурен во својата невиност, ќе направи се за да биде присутен на судските рочишта и да ја докаже својата невиност. Во спротивно, претпоставувам, ќе си наоѓа изговори за да не доаѓа на судските рочишта. Мислам дека ваквите обиди за одлагање, ова како и она што беше на претходното рочиште кажуваат многу“, рече адвокатот Камишевски.
Со оглед дека го искритикува непојавувањето на Спасески, беше прашан дали се сомнева во лажирање на медицинската документација која беше оправдување за отсуството.
„Не сметам дека медицинската документација е лажна. Сметам дека сите сме возрасни и секој може сам за себе да си процени“, додаде тој.
Судењето се одложи поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен, а судијата Бојан Мартиноски му поклони верба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа