А1он: Сопругата на премиерот Ковачевски влегува во бизнисот со струја - ќе гради соларна електрана во Радовиш

 

Димитар Ковачевски излезе од бизнисот со фотоволтаици, но, неговата сопруга, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати, пишува порталот А1он во најновото истражување објавено денеска.
Според информациите објавени таму, сопругата на Премиерот уште во текот на минатата година ја почнала постапката за градба а на терен веќе има одредени градежни активности.
Сепак, до овој момент како што објавува А1он, се уште фирмата на сопругата на премиерот нема поднесено документи за да добие лиценца за производство и трговија на струја.

Според урбанистичкиот проект, за изградба на фотонапонската електрана е предвидено да се вградат фотонапонски модули од производителот „Пиксел гроуп“. Тоа е компанијата на кумот на премиерот Ковачевски, Горан Паунов, кој периодов е актуелен во јавноста поради добиените исплати од Фондот за иновации и државна помош изминатите години токму за „Пиксел гроуп“, но и за неговата друга компанија „ЕОЛ Квазар“, за која има и кривична пријава во Скопското обвинителство за лажно спроведен надзор за улично осветлување во Гази Баба. Покрај овие две, Паунов формираше и нова компанија „АЕ Солар АД Тетово“, во тамошната индустриска зона, заеднички со друга бугарска компанија, чиј сопственик, пак, Илко Јоцев е поранешен бугарски министер за енергетика.“ – пишува А1он.

12.12.2022 - 12:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега