60 компании под истрага: Злоупотребиле 3,2 милиони евра преку фантомски проекти

 

Во изминатиот период се откриени сериозни неправилности во работата на Фондот за иновации и технолошки развој. Околу 60 компании не ги исполниле обврските и злоупотребиле средства за фантомски проекти, додека некои приватни здравствени установи користеле фондови за време на Ковид-кризата, кога државното здравство беше во колапс, обзнани на прес-конференција в.д. директорот на ФИТР Никола Додов. 

Како што истакна долг од околу 3,2 милиони евра се уште не е вратен во државниот буџет а новото раководство презема мерки за наплата и веќе се наплатени околу 600.000 евра. 

Внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики, вклучувајќи фирми поврзани со политички функционери.„ Договори со правни неправилности, конфликти на интереси и прикривање на податоци дополнително ги поткопуваат капацитетите на Фондот. Сомнителни активности вклучуваат и компании кои добиле повеќе грантови за идентични проекти, како и фаворизирање на одредени градови во државата за одобрување на средства. Претходното раководство работело неефикасно и не продуктивно, а тековната посебна ревизија има за цел да ги врати довербата и интегритетот на институцијата“, кажа тој.

Според него, наместо да преземе мерки против должниците, ФИТР напротив вршел плаќања кон компаниите кои не ги почитувале закоските прописи и биле должници. Ова, како што оценува, претставува сериозен удар врз интегритетот на институцијата и ги доведува во прашање нејзините капацитети за ефикасно управување со јавните средства. Потенцира дека новото раководство на Фондот е целосно посветено на решавање на овие прашања. Ќе бидат, како што најави преземени сите неопходни мерки за да се обезбеди транспарентност и одговорност во користењето на државните фондови. 

„Како дел од ревизијата која е во тек, особено внимание посветуваме на една од клучните прашања – на кој законски основ и по која постапка приватни здравствени установи (ПЗУ) станале корисници на средствата од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Во моментов, станува збор за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот. Исто така, има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување.
Во последниот период, Фондот за иновации и технолошки развој дојде до информации кои упатуваат на сомнителни практики во управувањето со јавните средства. Станува збор за компанија, која е во непосредна роднинска врска со високи функционери од владата на СДСМ-ДУИ, која добивала значителни финансиски средства од државни фондови. Ова не само што создава сомнеж во транспарентноста на процесот на финансирање, туку и буди загриженост за потенцијалните конфликти на интереси и непотизам. Согласно нашите истражувања, управителот на компанијата не само што добива финансиски средства од фондот, туку истата личност управува со дури четири различни фирми кои исто така имаат добиено финансикси средства од Фондот. Загрижувачко е тоа што скоро 80% од средствата кои ги добива од овие компании ги префрла на истата компанија и за иста услуга, и тоа во текот на проектните активности. Ова поведение создава легитимни сомневања за неетички практики и корупција. Оваа ситуација не само што ги загрозува основните принципи на транспарентност и одговорност, туку и ги подрива основите на правната држава.

Секој од нас има одговорност во оваа ситуација. Ние сме тука не само за да контролирано управуваме, туку и да создадеме средина во која иновациите можат да цветаат. Вашата поддршка и интерес се клучни во оваа борба за подобра иднина“, потенцира Додов.

 
29.10.2024 - 12:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега