15 лица зад решетки, уште тројца осомничени во бегство: Обвинителството со детали за големата акција на МВР
По повеќемесечна предистражна постапка, денеска, во текот на раните утрински часови, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициските службеници од Министерството за внатрешни работи реализираа акција во која 15 лица се лишени од слобода. Во текот на ноќта се извршени претреси на 27 локации во Арачиново, Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари. Предметниот јавен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица за кои постои основано сомнение дека се сторители на кривични дела и тоа дванаесетмина на кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, петмина за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл. 396 ст.3 вв ст.2 од Кривичниот законик, додека едно лице според дејствијата опишани во диспозитивот ги сторило и двете дела.
Во временскиот период од јули 2022 до мај 2023 првоосомничениот и седум други осомничени се здружиле како повеќе лица заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотични дроги – кокаин и марихуана. Првоосомничениот неовластено, заради продажба ја купувал наркотичната дрога од НН лица по потекло од Косово и Албанија и ја криел на безбедни локации во с.Сингелиќ – Скопје. Потоа од седуммина осомничени организирал мрежа на препродавачи кои воспоставувале контакти со заинтересирани купувачи на наркотична дрога од Скопје, Велес и други градови и вршеле неовластена продажба на дрогата за сума од 4500 денари до 6000 денари за еден грам кокаин, од 200 денари до 300 денари за еден грам марихуана и од 1000 денари до 1500 денари за еден грам амфетамин. Парите од продажбата му ги предавале на првоосомничениот кој им давал процент од парите на „рака“.
Во истиот временски период по идентичен modus operandi функционирала уште една петчлена организирана криминална група, чии членови неовластено продавале и пуштале во промет наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана. Деветоосомничениот, исто како првоосомничениот, неовластено, заради продажба, ја набавувал наркотичната дрога од НН лица по потекло од Косово и Албанија и ја држел скриена на безбедни локации. Потоа четворица од осомничените ги организирал како мрежа на препродавачи на кои им давал задачи да наоѓаат купувачи на наркотична дрога од Скопје и други градови. Откако ќе се договореле за видот, количината и цената на наркотичната дрога, деветоосомничениот им давал задачи на останатите да ја пренесат наркотичната дрога од безбедна локација од с.Арачиново до местата каде нелегално ја пуштале во промет – продавајќи ја на крајните купувачи.
Во временскиот период, пак од декември 2022 до мај 2023 година деветоосомничениот заедно со петмина осомничени, како група, се здружиле заради неовластено држење, продавање и набавување на поголемо количество огнено оружје и муниција и огнено оружје и муниција што им се забранети на граѓаните. Така, деветоосомничениот неовластено набавил огнено оружје автоматска пушка марка „Калашников“ калибар 7.62 мм, од НН лице од Косово, а во повеќе наврати од двајца осомничени, кои се сопственик и управител на правно лице – стрелиште и кои нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето, нелегално набавил поголема количина на муниција – куршуми, по цена од 40 – 45 денари за еден куршум и тоа: 800 куршуми калибар 7.65 мм, 300 куршуми калибар 7.62мм. По што за чие понатамошно држење и продажба ги ангажирал останатите осомничени на кои, откако претходно ќе најдел купувачи за оружјето, им давал инструкции да го донесат оружјето на претходно договорена локација и да го продадат на заинтересираното лице по цена од 1000 евра, додека нелегално набавената муниција за цена од 70-75 денари за еден куршум. Од продажбата деветоосомничениот за извршениот транспорт на огненото оружје исплаќал по 50 евра, додека пак останатите пари од нелегалната продажба ги задржувал за себе.
Петнаесет осомничени во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека тројца се недостапни на органите на прогонот. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка ќе му предложи определување на мерката притвор за сите осомничени.
Согласно одредбите од Кривичниот законик на сторителите на кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 од Кривичниот законик им се заканува казна затвор од најмалку пет години, додека за кривичното дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл. 396 ст.3 од Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку осум години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа