Зоран Крстевски: Датумот за референдумот беше на мој предлог

Како е постигнат консензус за референдум за независност, кои биле опциите за референдумското прашање. Зошто 8 септември како датум. Ова се само дел од пашањата на кои во интервју за Прес24 свои спомени споделува, Зоран Крстевски, пратеник во првиот парламентарен состав

-Референдумот чији предлагачи бевме (Реформски сили на РМ-Либерална партија и СДСМ)поаѓаше од фактот дека едино плебисцитно изразена воља на македонскиот народ и граѓаните на Македонија е гарант и за меѓународно признавање согласно Повелбата на Обединетите Нации. Неразбирливо беше отсуството и бојкотирањето на референдумот на двете партии од албанскиот гласачки корпус, вели Зоран Крстевски во интервјуто за Прес 24.

ПРЕС24: Како пратеник од првиот парламентарен состав на независна Македонија, три децении подоцна како ја оценувате македонсиата државност?

КРСТЕВСКИ: Период од 32 години е значаен сам по себе за опстанокот и просперитетот на една држава. Самиот факт што сме меѓународно призната држава, што самостојно одлучуваме за нашите внатрешни состојби, што имаме се уште висока усогласеност на политичките цели како зачленување во ЕУ, ја гарантира иднината на Македонија.

Но, тоа без внатрешни реформи, демократија, економија и социјална благосостојба, како и борба со корупцијата, многу брзо може да прерасне во нестабилност. Одговорност е тоа на политичките елити за кој народот нема високо мислење и поддршка.

ПРЕС24: Иако во оснава првиот парламентарен состав беше еден од најшареноликите, сепак е историски најзначаен. Се сеќавате ли на дебатите пред одлуката за прогласување на Референдум за независност? Дали референдумот беше вистинскиот чекор, или можеше да се оди на други форими на прогласување независност?

КРСТЕВСКИ: Првиот парламентарен состав одигра клучна улога во воспоставувањето на македонската држава во време на распадот на Југославија. Истовремено ги донесе сите позначајни документи како што се декларацијата за македонска самостојност, распишување на референдумот за независност, како и првиот Устав на самостојна Македонија.

Се разбира дека до политички договор за референдум не се дојде лесно. Имаше и предлози од ВМРО ДПМНЕ со гласање на Резолуција за отцепување тоа да се направи. Референдумот чији предлагачи бевме (Реформски сили на РМ-Либерална партија и СДСМ)поаѓаше од фактот дека едино плебисцитно изразена воља на македонскиот народ и граѓаните на Македонија е гарант и за меѓународно признавање согласно Повелбата на Обединетите Нации. Неразбирливо беше отсуството и бојкотирањето на референдумот на двете партии од албанскиот гласачки корпус.

Референдумот кој беше трет во низа по Словенија и Хрватска, во многу ја определи и разврската и распадот на Федерацијата на Југославија. Што е посебно важно само во Македонија тоа се случи по мирен пат без воени конфликти со тогашната ЈНА. Заслугите се на сите нивоа на власта: Собрание, Претседател на држава и Владата..

ПРЕС24: Две дилеми секогаш ќе останат дилеми. Првата е формулацијата на референдумското прашањето. Кој ја даде, зошто таква формулација? Имаше ли страв дека Референдумот нема да успее?

КРСТЕВСКИ:  До предлог за референдум дојде во Јули по прекинот на седницата на Собранието каде ВМРО ДПМНЕ инсистираше да се гласа за отцепување од Југославија, а како посебен аргумент го наведоа одлуките од рефендумите на Словенија и Хрватска. На паузата на средба во кабинетот на Претседателот Глигоров на која присуствуваа Стојан Андов , Бранко Црвенковски, Киро Поповски, Никола Поповски, Ханџиски и Кондев ( шеф на кабинет на претседателот) од моја страна беше предложео да се оди на референдум. Се разви дебата ЗА и ПРОТИВ . На крајот заклучивме да се состави предлог текст на одлука за распишување на референдум. Истата ја напишавме Никола Поповски и јас. Бидејќи внимававме за легалноста на предлогот, основ земавме во постоечкиот закон за референдум на СРМ што подразбираше дека од денот на изгласување на одлуката референдум се држи шеесетиот ден.

Првиот предлог беше со две прашања како кај Хрватите : Дали сте за самостојна држава, или сојуз во Југославија... страв кај некои имаше и од неуспех на референдумот во тоа предначеше лидерот на ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, а и кај тие што во негласањето на албанските гласачи мислеја ќе нема доволно ЗА… Морам да ја искажам и посебната улога што тогаш ја одигра пратеничката и потпреседател на ВМРО, Доста Димовска, кога преговаравме (Стево Црвенковски и јас) за финалното изјаснување на текстот на предлогот одлуката за референдум, таа исистираше да во образложението стриктно стои дека правото на преговори за иден сојуз со Југославија подразбира само ако се преговара со сите шест републики… што ја отфрли секоја помисла дека е можно Македонија да влезе во т.н скратена Југославија. Тоа доведе и пратениците на ДПМНЕ да гласаат за Одлуката за референдум.

Резултатите од референдумот сите таквите ги демантираа. Од вкупно 1.495 626 гласачи, излегле на гласање 1 132 981 со право на глас, што е 71,85 осто, или вкупно 1.079 308 или 95,09 што преставува вкупно 72,16 осто од вкупниот број гладачи со право на глас

ПРЕС24: Имаше ли План Б ако Референдумот е неуспешен?

 КРСТЕВСКИ: Се спроведе кампања со собири по поголемите градови… по партиски политички митинзи сите партии и сите лидери се надминаа себеси… Независноста просто лебдеше во воздух.

ПРЕС24: Втората дилема е датумот. Зошто 8 Септември? Им една теорија дека тој ден има симболика со 8 септември 1944 кога на хартија Германија прогласува Независка Држава Македонија?

КРСТЕВСКИ:  Датумот произлезе од мојот првичен предлог. Внимаваме да не се поклопи со денот на соединување на Бугарија 6-ти Септември, а и беше неработен ден, луѓето беа по дома …

ПРЕС24: Кои беа најсеиозните предизвици по независноста?

КРСТЕВСКИ:  Референдумот пред се ги забрза донесувањата на законските рамки на државноста пред се новиот Устав, а потоа се она што е атрибут на самостојна држава: своја војска, национална банка, своја парична валута, судство, дипломатија и се така

ПРЕС24: Кој во тоа време ги носеше клучните одлуки, Владата, Претседателот или Собранието? Зборувам клучни политички одлуки?

КРСТЕВСКИ:  Кој ги носеше одлуките? Па формално секоја институција согласно уставни ингеренции, но факт е дека отсуствуваше демократски капацитет на сите нивоа и имаше упади од една во друга власт. Слабостите посебно се осетија во трансформирањето на економскиот поредок од државна сопственост во приватизација. Социјалниот момент беше нагласен бидејќи многу фабрики пропаднаа, југословенскиот пазар се затвори, а за надвор или имаше царински бариери, или не бевме конкурентно интересни. Од тука и се појавија клучните девијации на новото опшество, криминалот, и политичкото влијани во тоа… непомалку влијаеа и случувањата во регионот со блокадите воведени на Југославија, војните во неа, затварањето на границата од страна на Грција , па се до етничкиот конфликт во Македонија.

ПРЕС24: Јавноста тој парламентарен состав го памети како прилично жесток од аспект на зборување во салата, но дали тогаш или денес полесно се доаѓа до политички консензус меѓу опзицијата и власта?

КРСТЕВСКИ:  Тие беа први искуства во плурален повеќепартиски парламент со директни преноси на телевизија, со чести демострации пред Собранието и Владата… но она што е факт во клучни моменти се надминувавме себе си и носевме историски одлуки кои времето ги потврди како исправни. Имаше и многу емоции, жустри расправии, ама и досетки и шеги што и ден денес се раскажуваат.

Од денешен агол на новиот парламент не ми е јасно како македонските партии не можат да изградат една единствена платформа на национални приоритети и зад нив сите да работат.

ПРЕС24: Колку искрено тогаш се веруваше во можноста за брза интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија?

КРСТЕВСКИ:  Ако е нешто константа во водењето надворешната политика од осамостојување до денес тоа е политиката на зачленување во НАТО и ЕУ. Но прашањето е кој колку сме придонеле со своето политичко делување тоа да се случи побрзо и со сочувување на нашиот идентитет.

Од сопствено искуство еден пример да кажам. Во 2001 година бев Потпреседател на Владата на Република Македонија одговорен за ЕУ интеграции. Во преговорите со тогашниот Комесар за проширување, Крис Патен ме убедуваше дека Македонија најрано ќе влезе во ЕУ во 2013 та година. И јас му се лутев, барав да тоа биде до 2007 кога влегоа Бугарија и Романија… Еве и 2023 дојде, а уште нема абер за зачленување.

За да се случи барем тоа до 2030, треба сите да работиме на реформи, што не е само заради членството во ЕУ , уку во интерес на подобриот живот на граѓаните .

ПРЕС24: Дали денешнииот предизвик пред кој е исправена Македонија е вредна инвестиција да се направи во интерес на европската иднина?

КРСТЕВСКИ:  Ставот на ЕУ е „take it or live it“… земи или остави… или ако не прифатиме уставни измени нема почеток на преговори. Таа иста Европа може и да се дообјасни, ако сака… Односно да каже дека тоа е последен услов на Бугарите и дека и тие членки земји на ЕУ ги прифаќаат малцинствата во своите земји… Ама дека Бугарија тоа не го прави со признавање на правата на Македонците таму и не ги почитува одлучките на Судот за човекови права во Стразбург… за тоа Владата и претседателот на државата треба да се гласни и додека не се произнесат за тоа нема кај да брзаме. Патем власта треба да се навикне дека за консензус е потребно договор со опозицијата, а опозицијата да не бега од носење тешки одлуки.

 

09.09.2023 - 12:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега