Згаснува телевизија Клан
Националната телевизија Клан згаснува, а со одлука на менаџментот, сите вработени во телевизијата од вчера се без работа. Како што пишува 4NEWS.mk, телевизијата сè уште не ја подмирила годишната обврска кон Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), иако рокот е до среда.
Клан Македонија пред повеќе од една година доби нови сопственици – од Клан Косово, откако претходно беше дел од медиумската групација Клан Албанија на бизнисменот Александар Франгај. Нов менаџер во Скопје тогаш стана Фатон Шоши, сопственик на порталот Индекс онлајн. Телевизијата ја промени и локацијата – од Сарај кон просториите на Томато продукција.
Новинарот Фуркан Салиу, кој беше дел од телевизијата, на својот Фејсбук-профил емотивно се осврна на проектот: - „Со поддршка од Тирана, најпрво успеавме да го ослободиме Клан, а потоа, како што и самите сте сведоци, овој телевизиски канал се претвори во најголем поддржувач на граѓаните. Се разрешуваа директори, министри и заменик-министри. Се спречуваа неправди и, во некои случаи, со целосна убеденост можам да кажам дека беа спасени и животи“, напиша Салиу.
По три години, како што вели тој, тимот почнал полека да се распаѓа – поради лаги за пазарната вредност, недостаток на технички и новинарски кадар и сериозни административни предизвици.
Според извештаи на АВМУ Клан и ТВ24 во континуитет им се намалуваат приходите. ТВ Клан и ТВ Сонце оставриле најниски приходи во 2023 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа