Зеленски: Имав значаен разговор со Трамп, заеднички работиме на крај на војната
Претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски разговараа телефонски околу еден час, соопшти кабинетот на Зеленски.
„Имав значаен разговор со претседателот Трамп“, соопшти Зеленски, додавајќи дека Трамп споделил детали од неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Никој не сака мир повеќе од Украина. Заедно со САД ги утврдуваме следните чекори за запирање на руската агресија и обезбедување траен и стабилен мир. Како што рече претседателот Трамп – ајде да го направиме тоа“, истакна Зеленски
Двајцата претседатели „разговараа за можностите за постигнување мир“ и „ја потврдија подготвеноста за соработка на ниво на тимови“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
„Му благодарам на претседателот Трамп за неговиот интерес и за тоа што можеме да постигнеме заедно“, додаде Зеленски.
Од своја страна, Трамп го оквалификува разговорот со Зеленски како „многу добар“.
„Тој, исто како и претседателот Путин, сака мир“, објави Трамп на социјалните мрежи.
„Разговаравме за различни теми поврзани со војната, но најмногу за средбата што се организира в петок во Минхен, каде што потпретседателот Џеј Ди Ванс и државниот секретар Марко Рубио ќе ја предводат американската делегација.
„Се надевам дека резултатите од оваа средба ќе бидат позитивни. Време е да ја запреме оваа бесмислена војна, која предизвика огромна и сосема непотребна смрт и разурнување. Бог да ги благослови народите на Русија и Украина!“, напиша Трамп.
Претходно, Трамп најави дека ќе му се јави на Зеленски за да го информира за неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, во кој тие се договориле „веднаш да започнат преговори“ за прекин на војната.
Не е јасно дали во овие преговори ќе биде вклучен Киев или станува збор за билатерални разговори меѓу САД и Русија.
„Се договоривме да работиме заедно, многу блиску, вклучително и да ги посетиме нашите земји“, соопшти Трамп по неговиот разговор со Путин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа