Зеќири не се чувствува виновен, oдбраната очекува ослободителна пресуда
Ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири не се чувствува виновен за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување. Откако кажа дека го разбрал обвинението во кое се товари, Зеќири негираше дека го оштетил буџетот со тоа што без јавни набавки, склучил договор со фирма, чии сопственици се хрватски државјани и беа осомничени, но бидејќи се недостапни за органите на прогон – постапката за нив е запрена, а тие се бараат со потерници.
„Не се чувствувам виновен“, кажа Зеќири.
Адвокатот Владимир Андреевски кој го брани Зеќири, кажа дека обвинителниот акт е полу-политички говор. Во воведниот говор, кажа дека очекуваат ослободителна пресуда за ексгенералниот секретар.
„Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не го сторил кривичното дело, дека во неговите дејствија нема инкриминирачки елементи и во поглед на законска дозволеност на неговите дејствија, но и во поглед на евентуалната штета. Она што го слушнавме како обвинителен акт и во писмена форма и денеска е полуполитички говор за некакви принципи, цели и други начелни прашања, а никаде не слушнавме ниту видовме која законска одредба е прекршена од страна на обвинетиот. Односно, каква повреда, конкретна на кој материјален закон е направена. На обвинетиот не може да му се суди за негова стручност или нестручност, туку за повреда за закон при негово постапување како генерален секретар или евентуална штета. Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не излегол од рамките на неговите овластувања при склучувањето на договорите. Дека се работи за специфична материја, за специфични прашања, ќе докаже дека не е сторена штета од причини што моделите за кои се склучувани договори се со цел да не се сторува штета на буџетот во иднина од делувањето на загубарите, т.е. Пошта и МК Железници, за кои е јавна тајна е дека имаат милионски загуби, секоја година, во континуитет, а за кое никој не сносил одговорност до сега“, кажа адвокатот Андреевски.
Мирослав Вујиќ, втор адвокат на Зеќири, збореше за листата на докази.
„Сакаме да докажеме дека законодавецот сосема друго сметал и предвидел, а не ова на кое обвнителството сака да влијае. Сведоците, кои се патем и членови на економскиот совет на Владата, присуствувале и биле запознаени за сите овие дејствија на генералниот секретар, што е негова обврска. Сосема е неточно тврдењето дека нешто се работело во четири очи. Тоа се доказите на кои одбраната ќе се потпре и сигурен сум дека ќе докажеме дека во дејствијата на Мухамед Зеќири нема никакво кривично дело, а не пак вакво какво што е ставено во обвинението“, рече Вујиќ.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвиние против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за скоро 1,5 милиони евра, кои завршиле во приватни фирми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа