Заев: Над 70 работни места и бруто плати од околу 2.000 евра со новата прва јужнокорејска инвестиција во земјава

 

„Новата инвестиција ќе донесе нови и добро платени работни места, што е од голема важност за економскиот раст во земјава. Остануваме посветени на подигнување на стандардот и условите за живот во Северна Македонија“, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање по повод означување на почетокот на новата прва јужнокорејска инвестиција во нашата земја, од страна на компанијата „Алмак-Дура Екстружн“ во Технолошко-индустриската развојна зона - Скопје 2.

Премиерот Заев рече дека станува збор за заедничка инвестиција во вредност од 29.9 милиони евра во земјава, на две глобално реномирани компании во својата дејност американската „Дура Аутомотив Системс” и јужнокорејската „Алмак“.

„Плановите на инвеститорите за работа се детално и долгорочно предвидени. Нашите заложби како Влада уште на самиот почеток се да помогнеме во креирање на добро платени работни места. Во таа насока она што е особено важно е дека во новата инвестиција се очекува просечната бруто плата за високо кавалификуваните кадри да изнесува околу 2.000 евра. Согласно планот на инвеститорите ќе бидат отворени повеќе од 70 нови работни места од технолошките дејности кои ќе придонесат во развој на локалната економија, почнувајќи од 2022 година, кога се очекува да стартува и производството за извоз. Го подигнуваме нивото за развој на квалитетен и квалификуван кадар за потребите на компаниите во соработка со деловната заедница. Заедничка цел е да придонесеме во имплементирање на позитивни практики и стандарди за унапредување на работата, производството, продуктивноста, а со тоа и на конкурентноста на компаниите“, рече премиерот Заев и додаде дека новите инвестиции и резултатите ја потврдуваат економската активност во Технолошко-индустриските развојни зони која е во постојан раст, како во поглед на извоз, така и во број на вработени.

Според директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, овие позитивни трендови, се резултат на новиот концепт на привлекување инвестиции на ТИРЗ и Владата кој се базира на анализа на 10 годишни инвестициски планови врз основа на кои се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата, и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата.

„Ова е инвестиција која најдолго патувала до Северна Македонија – дури 8.400 километри. Успеавме со 0 денари за скапи хотели, патувања и промоции да постигнеме договор кој тежи скоро 30 милиони евра. Само од почетокот на годинава веќе броиме над 120 милиони започнати или инвестиции пред започнување, кои се резултат на новиот паметен пристап во работењето на ТИРЗ и Владата. Покажавме дека со отворен и фер пристап, со чист образ и со таргетирани сет мерки можеме да креираме нов развоен концепт на македонската економија кој ќе се базира на инвестиции од кој ќе имаат бенефит и компаниите, и државата, но и граѓаните. Ова е само вовед во големата приказна. По најдалечната, наскоро ќе ја објавиме и досега најголемата странска инвестиција во Северна Македонија“, рече Деспотовски.

Менаџментот на новата компанија ги потврди поволните услови и можностите за економски развој кои ги креира Владата и посочија дека нивната стратешка локација во Скопје ќе им служи на европските клиенти. Изградбата стартува годинава, а производството во 2022 година.

Јужнокорејската компанија, како што изјави нејзиниот основач и директор Сојун Парк, ја користи зелената електрична енергија во процесот на производство и 100 проценти ги рециклира остатоците при процесот на производство.

„Ова ново партнерство не симболизира само бизнис, туку спој на две култури, учење на еден од друг и можност да се создаде подобар свет. Ќе работиме на градење успешна приказна на која ќе се гордееме сите“, порача Парк.

„Комбинираната експертиза и сопствени технологии за производство на „Алмак“ и „Дура“ им овозможуваат на производителите на автомобили супериорен производ, дизајниран за оптимална сила, димензиониран интегритет и перформанси. Задоволни сме што имаме партнер како „Алмак“, кој е лидер во својата област“, рече Карл Беквит, извршен директор на „Дура Аутомотив Системс“.

Компанијата од Јужна Кореја, „Алмак“, ќе има мнозински удел во заедничкиот инвестициски проект од 70%, а главна причина за нивната одлука за инвестирање во Северна Македонија, како што беше истакнато, е позитивното искуство на нивниот бизнис партнер „Дура аутомотив системс“, кои ја потврдија одличната деловна клима во земјава и можноста за долгорочно планирање и развој на заедничкиот проект.

18.08.2021 - 16:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега