За првпат предупредување во Јапонија за мегаземјотрес

Јапонија денеска за прв пат издаде предупредување за зголемен ризик од „исклучително голем земјотрес“. Надлежните ги повикаа жителите да бидат внимателни и нагласија дека предупредувањето не значи дека ќе се случи мегаземјотрес, туку дека веројатноста да се случи е поголема од вообичаената, пишува Би-би-си.

Предупредувањето е издадено неколку часа откако островот Кјушу го погоди земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, по што нема информации за поголеми штети. Експертите препорачаа претпазливост бидејќи епицентарот беше на работ на коритото Нанкаи, област на сеизмичка активност што се протега долж јапонскиот брег на Тихиот Океан.

Претходните земјотреси во коритото Нанкај оставија илјадници мртви. Вакви мегаземјотреси го погодуваат регионот на секои 90 до 200 години, а последниот се случил во 1946 година. Експертите веруваат дека има 70% до 80% шанси земјотрес со јачина од 8 или 9 степени да ја погоди областа во следните 30 години.

Според најлошите проценки, во случај на таков земјотрес (и последователно цунами), може да загинат повеќе од 200.000 луѓе. Предупредувањето ќе важи една недела. Властите препорачаа жителите да бидат на готовност во наредните денови, да имаат доволно залихи, а оние кои не можат брзо да се евакуираат да размислат привремено да се преселат во друга област.

08.08.2024 - 20:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега