Втор ден од предупредувачкиот протест во МИА - новинарите и медиумските работници бараат зголемување на платите
По вчерашниот прв, голем дел од вработените во Медиумската информативна аганција денеска одново, во време на паузата, излегоа на предупредувачки протест пред просториите на агенцијата.
Вработените од МИА до Владата имаат адресирано неколку барања, а најургентно е тоа за зголемување на платите за 30 проценти, што е за 2,5 пати помалку од 78-те проценти колку што изнесуваше последното зголемување на платата на функционерите.
Додека за другите барања се потребни системски решенија, барањето за зголемување на платите е најлесно за решавање и треба само да се стави на дневен ред на седница на Владата, велат колегите од МИА.
Слободата на медиумите и слободата на говорот, па дури и борбата против дезинформации се невозможни ако новинарите и медиумските работници имаат потпросечни плати, а според официјални податоци просечната нето плата во мај 2023 година изнесуваше 36.465 денари додека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6.000 денари помали од просекот.
Протестот на вработените во Медиумската информативна агенција кој е со поддршка на ССНМ ќе продолжи и во следните денови, се до исполнување на барањата, а постои можност и за радикализација на изразување на револтот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа