Возачот кој ја усмрти 11-годишната Магдалена на пешачки премин во Велес призна вина
Ангелче Николов, кој на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин во Велес ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка, на денешното судско рочиште призна вина, по што веќе в петок ќе биде донесена пресудата.
Николов (30) на 17 декември, со уште неколку другари видени во неговото возило „мерцедес“, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на велешкото училиште „Васил Главинов“, на која е ограничено движењето на 30 километри на час, на пешачки премин удри во мајката и ќерката. Малата Магдалена од местото на ударот била отфрлена дваесеттина метри и веднаш починала. Нејзината мајка, која на пешачкиот премин била еден чекор понапред, тешко беше повредена.
Обвинетиот избега и два дена се криеше, по што сам се предаде во полиција. Истражните органи го идентификуваа уште вечерта.
На денешното прво рочиште, Николов кажа дека е свесен за последиците од признанието, дека ќе добие затворска казна и дека ќе треба да плати отштета и трошоци.
Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа