Во Штип поставен штанд за финансиска помош на настраданите во Турција

 

„Донирај од срце за настраните од земјотресот во Турција“, стои на првата кутија за донации, која денеска се постави на штанд во центарот на Штип.

Претседателот на Демократската партија на Турците Дениз Али истакна дека штипјани можат да донираат финансиски средства, а најави дека вакви штандови утре ќе има и кај Градскиот пазар и во Трговскиот центар во Штип.

-Денеска отворивме штанд за финансиска помош за настраданите од земјотресот во Турција. Кампањата почна од 8 ќе трае до 15. Утре штандови ќе се постават и кај пазарот и кај Трговскиот центар. Ние имаме и заменик-директор во Дирекцијата за заштита и спасување, кој е во Турција на самото место. Тој ни кажа дека нема потреба од донација на облека и ќебиња, бидејќи има проблеми со превозот. Така што, најпаметно е да се донираат финансиски средства, вели Али.

Да се покаже хуманоста на дело, апелираше и советникот во Советот на Општина Штип Гулбаки Мемет. Ситуацијата, како што вели, е катастрофална и затоа повеќе од потребно е да се донира и да им се помогне на настраданите граѓани.

-Ова е катастрофален настан што се случи во Турција. Ме погоди многу и ние граѓаните од Штип сме многу хумани, знаеме како да помогнеме не само на Република Турција, туку и на Сирија, вели Мемет.

Општина Штип донираше до сега 300 илјади денари од буџетот на општината за погодените во Турција, а испрати и тим од пет обучени пожарникари, со вториот македонски конвој. 

09.02.2023 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега