Во првите четири месеци извозот со пад од 5,3 проценти, увозот зголемен за 3,8

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари – април годинава изнесува 2 639.1 милиони евра и бележи пад од 5,3  проценти во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 754.9 милиони евра, што е за 3,8 проценти повеќе во споредба со  првите четири месеци лани.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит, во периодот јануари – април годинава изнесува 1 115.8 милиони евра.  

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот, пак,  најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Во првите четири месеци од годинава според вкупниот обем на надворешнотрговската размена,  најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.

07.06.2024 - 15:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега