Во петок прва средба за зголемување на пензиите: За минималецот и пензиите се обезбедени средства

 

Зголемувањето на минималната плата и најавениот раст на пензиите нема да повлечат ребаланс на Буџетот, уверуваат од Владата. За петок е најавен и првиот состанок за зголемување на пензиите, а решението ќе се носи низ дијалог со сите засегнати страни.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека за зголемувањето на минималецот кој треба да изнесува 18.000 денари се обезбедени средства во Буџетот, а за пензиите дека има пари во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување.

– И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за еветуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ, истакна Битиќи.

Според Битиќи, финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за лани, како година на пандемија и економска криза, покажуваат дека има значително зголемување на приходите заради движењето на економијата и на платите.

Преговорите за пензиите, како што вчера најави премиерот Димитар Ковачевски, ќе почнат в петок. На состанокот се очекува да се разговара за можноста за промена на методологијата за пензиите, а доколку се прави нова методологија, тогаш таа ќе биде направена низ дијалог и ќе се бара најодржливото решение прифатливо за сите, уверуваат надлежните.

 На ист начин ќе биде направена новата методологија за пензиите која што ќе биде резултат на дијалог со здруженијата на пензионерите, односно асоцијациите на пензионерите. Тој дијалог ќе започне в петок оваа недела. Министерката за труд и социјална политика веќе го има свикано првиот состанок на којшто ќе се разговара за моделите што ги имаат размислувано асоцијациите на пензионерите и економските ресори во Владата. Таа методологија треба да овозможи зголемување на пензиите кое ќе биде одржливо во текот на наредните години, при што треба да се внимава и на одржливост на пензискиот Фонд, изјави вчера Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на МИА по посетата на компанијата „Текспорт“.

 

17.02.2022 - 08:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега