Во Армијата примени 200 професионални војници
Во Армијата на Република Северна Македонија денеска се приклучија 200 нови професионални војници на кои решенијата за работа им ги додели министерката за одбрана Славјанка Петровска на свечена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје.
Министерката упати честитки и изрази задоволство што младите војници одлучиле да и служат на татковината.
-Бидете горди затоа што станувате дел од институција која е најпочитувана, најценета институција која својот углед го има изградено затоа што секогаш и секаде била прва во помошта на нашите граѓани, силна опремена модернизирана армија способна да одговори на сите предизвици, тоа е армијата на РСМ. Денес е институција која ужива најголема доверба кај граѓаните и тоа е огромна чест а и обврска за сите да нас. За да успеете во таа цел не сте сами, Министерството за одбрана и Генералштабот се со вас. Нашата задача е да бидете добро опремени да работите во одлични услови, да имате ново и модерно вооружување, да имате плати кои одговараат на вашиот труд, енергија и знаење, порача Петровска.
Новопримените војници, нагласи таа, сега се дел од НАТО семејството.
-Денеска вие станувате дел од нешто што е поголемо од сите нас, денеска вие сте дел од НАТО Алијансата која е безбедносен чадор за повеќе од една милијарда луѓе во светот. Вие сте сега НАТО војници, ќе имате прилика да учествувате во НАТО обуките, да бидете дел од различни НАТО мисии и да ја покажете истата вештина и истото знање како и вашите колеги, изјави министерката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа