Високи тонови и караница во Собранието, каде што вчера имаше тепачка

 

Со високи тонови и карање почна денешната седница на Комисијата за европски прашања, каде што вчера имаше тепачка. Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реагира бидејќи потпретседателката Арта Биљали-Зендели смета дека дневниот ред е усвоен, а тие тврдат дека не се гласало за него. Според Мицевски, целта на пратениците од СДСМ и ДУИ е да донесат измени на законот за продолжување на мандатите на судиите обвинителите.

„Не може да сметате дека расправата почнала вчера бидејќи вчера имавме расправа за утврдување на дневниот ред, кој уште не е отворен. По утврдување на тоа, по отворање на точката, што сакате сега да го направите, Деловникот вика дека расправа по закон трае два дена. Закон за кој ние имаме 380 амандмани. До мене дојде еден документ, кој сега ќе го прочитам, а медиумите добро да внимаваат и да видат дали се тоа зборовите што ќе ги каже претседателката на Комисијата: „Нема да се води претрес по амандманите бидејќи, според Деловникот, истече рокот од најмногу два дена за водење претрес по амандманите“. Потпретседателката, по глумење функционирање и работа на оваа Комисија, планира ова да го прочита. Денеска, до крајот на денот, законот ќе се обидат да го донесат, а е селективен за судиите и обвинителите“, рече Мицевски.

Пратениците треба да расправаат за 380 амандмани, а веќе во 14 часот е закажана Законодавно-правната комисија, каде што треба исто така да се расправа за законското решение, кое мора да помине на Комисијата за европски прашања. Според Мицевски, ова покажува дека се брза со донесување на законот по секоја цена.

„Дневниот ред вчера е изгласан пред неизбежниот скандал во салата. По констатацијата дека дневниот ред е изгласан, беше утврдено во оваа сала во 10 часот вечерта. За жал, велите глумење, а имате сценарио како ќе ја завршам седницава. Јас не работам по сценарија. А ми потврдивте дека вчерашниот скандал беше монтиран и исцениран. Сè знаевте, некогаш не е толку битна последицата, туку причината“, посочи Арта Биљали-Зендели.

Потпретседателката на Комисијата за европски прашања отвори претрес по амандманите, без да му даде процедурално обраќање на координаторот Мицевски.

„Седни, ќе ти кажам“, му рече Мицевски на Мартин Костовски од СДСМ, на што Костовски одговори: „Немам каде“, а Мицевски врати: „Ај да не ти кажам кај да седнеш“.

Ова е второ продолжение на Комисијата за европски прашања по вчерашната тепачка.

28.06.2022 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа