(Видео) Во Грција гори најголемиот пожар во историјата на ЕУ: „Огнот е надвор од контрола“

 

 

Грција се соочува со најголемиот пожар некогаш регистриран на територијата на Европската унија, изјави портпаролот на Европската комисија, посочувајќи дека 27. земји-членки на ЕУ во моментов мобилизираат речиси половина од заедничките европски воздушни сили за да и’ помогнат.

За помош на Грција беа испратени 11 авиони и еден хеликоптер од европската флота. Огнената стихија го зафати Националниот парк Дадија на североистокот на земјата. Таму се испратени и 407 пожарникари, изјави портпаролот на ЕК, Балаш Ујвари.

Во август, Грција го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ по вторпат ова лето, а ЕУ распореди 11 противпожарни авиони од Хрватска, Франција, Германија, Шпанија, Шведска и Кипар, хеликоптер од Чешка, 407 пожарникари и 62 возила од Бугарија, Кипар, Чешка, Франција, Романија, Словачка и Србија.

Грчките пожарникари веќе единаесетти ден се борат со пожарот што беснее низ националниот парк, кој е познат како живеалиште на бројни ретки птици грабливки. Пожарот, кој се протега по територија од речиси 10 километри, „се уште е надвор од контрола“, изјави за АФП еден од портпаролите на противпожарната бригада.

Грција летово беше опустошена од бројни пожари, а властите ги припишуваат на климатските промени. ЕУ има на располагање 24 авиони и четири хеликоптери од земјите-членки за гаснење пожари во земјите на Унијата и во соседните земји.

29.08.2023 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега