ВИДЕО: Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО

 


Денеска во Министерството за одбрана со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Генералштабот на Армијата, бригадниот генерал Симеон Трајковски, беше одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и Денот на Генералштабот на Армијата.

Вицепремиерот Маричиќ истакна: "Денеска е посебен ден за сите наши граѓани кои сакаат мирна, стабилна и просперитетна држава. Денес, ние сите заедно сме поспокојни знаејќи дека сме дел од најнапредната, најмоќната одбранбена воено-политичка Алијанса во светот. Затоа што сме меѓу демократите, визионерите, но и затоа што сме тука сите за еден и еден за сите, рамо до рамо со најразвиените во светот.

Војните и жариштата кои повремено пуштаат по некоја искра, сликите на ужасот и човечкото патење, кај секој еден од нас предизвикуваат длабока тага од една страна, но и свесност дека членството во НАТО е најдобрата цел која сме успеале да ја обезбедиме за нашите граѓани. Секоја тешка одлука која не доведе денеска тука - вредеше!

Вицепремиерот Маричиќ говореше и за јубилејната годишнина на НАТО. „Алијансата која оваа година ја слави јубилејната 75 годишнина од своето основање и започна со 12 членки денеска брои 32, и побројна, поголема и пообединета од било кога досега. Бруталната воена агресија која Русија ја врши врз Украина го наруши мирот на европско тло, но не успеа да го разори НАТО, туку спротивно, придонесе за НАТО кое е посилно и визионерско.
Обединетоста на сите наши сојузници не мотивираше сите да сме подобри и да зацртаме јасни планови и патишта за долгорочно движење на Алијансата кое е спремно брзо да одговори на секој предизвик кој го носат современите закани и актери. Сеедно дали тие доаѓаат од море, небо, копно или од дигиталниот простор.
И токму затоа НАТО е најмоќниот политичко-воен сојуз кој го чува мирот на над 1 милијарда граѓани со демократски вредности“, рече Маричиќ.

Осврнувајќи се на важноста на 27 март, министерката Петровска рече дека овој датум е од историска важност во создавањето на суверена и независна држава.

„Додека во сите поранешни републики, по распадот на Југославија беснееја војни, благодарејќи на мудрите одлуки на првиот претседател Киро Глигоров, и првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, последниот војник на поранешната ЈНА, на мирен начин замина од територијата на независна и суверена Македонија, со што се создадоа услови за формирање на Армијата на Република Македонија. Првиот 27 март ја потврди нашата одлучност за независна и самостојна држава, а вториот 27 март ја зацврсти нашата безбедност и стабилност“, порача Петровска.

Министерката подвлече дека токму на овој ден, пред четири години, Северна Македонија покажа каде припаѓа, кои се нашите вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, за демократија и за безбедност.

„Влегувајќи во НАТО јасно го одбравме патот, стабилност и сојузништво наспроти деструктивни однесувања. Во 2022-та година, на Лидерскиот самит на Алијансата во Мадрид го донесовме новиот Стратешки концепт на НАТО кој ги исцрта нашите цели, укажа на нашите задачи и покажа дека НАТО не е закана за никој. Напротив, НАТО постои за да се заштити себе си и да не дозволи унилатерални и непромислени одлуки на различни режими да бидат оние кои ќе можат да посегнат по нашата територија, по нашите граѓани“, порача Петровска.

Министерката истакна дека Северна Македонија со учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија придонесува кон безбедноста на источното крило на Алијансата, исто како што и во регионот, преку учеството во мисијата КФОР на Косово и АЛТЕА во Босна и Херцеговина, заслужено стана еден од столбовите на регионалната безбедност.

За придобивките од членството во НАТО, Петровска се осврна на развојот на Армијата изминатите неколку години, по полноправното членство.

„Градењето на отпорноста на општеството е сериозен предизвик пред кој сме исправени и кој мораме да го совладаме. На денот на Генералштабот даваме ветување дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира, затоа што таа е столбот на нашата државност. Процесите на опремување ќе продолжат подеднакво како што ќе продолжи и највредната инвестиција, инвестирањето во човечкиот капитал, столбот на одбраната“, истакна Петровска.

Во рамките на денешната свеченост, за прв пат беше одбележан и Денот на Генералштабот на Армијата – 28 март, а по тој повод директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски, во своето обраќање направи ретроспектива на развојот на ова највисоко стратешко тело во Армијата и порача дека Генералштабот останува целосно посветен на исполнување на сите задачи и обврски во остварувањето на стратешките определби на Северна Македонија.

27.03.2024 - 13:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега