ВИДЕО: Нов робот за гаснење пожари

 

Роботичката индустрија напредува, а зголемената побарувачка за машини во бројни други индустрии ги наведе производителите да развијат најсовремени роботи коишто ќе можат да им помогнат на луѓето. Така, неодамна, кинеската компанија „Гуошинг интелигент“ (Guoxing Intelligent) произведе линија роботи наменети за гаснење пожари.

Најновата машина од овој вид е „KT-500“ – дизајнирана за брз продор. Станува збор за роботи наменети за итни случаи, опремени со напредни системи за откривање и детектирање чад и гас, што значи и навремено и поделотворно гаснење на пожарот. Тие се опремени и со комуникациски системи, како што се Ви-фи врска, радиоприемници и камери.

Роботот се движи користејќи двојни траки и има способност брзо да создава зони на изолација од огнот. Покрај најсовремената технологија за лоцирање, овие противпожарни роботи користат и цистерни за вода, диспензери за пена и хемиски апарати. Методот е делотворен, со минимална потрошувачка на вода.

Далечинското управување, пак, нуди можност пожарникарите да ја проценат состојбата од безбедно растојание, меѓу другото – и заради подобро планирање.

Роботите се отпорни на високи температури, чад, отровни гасови и вода, како и на пад, што ја зголемува способноста на машината да влезе онаму каде што човекот не смее. Машините така може да влезат и во затворени простори, да наоѓаат заробени луѓе на место на пожар, па со аудио и видеокомуникација – да го скратат времето на спасување, подобрувајќи ја делотворноста на спасувачкиот потфат.

13.08.2024 - 19:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа