(ВИДЕО) Ѓоргиевска: Сите сме дел од едно семејство и тука сме еден за друг и во добро и во лошо

 

Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на настанот „Едно семејство“, што се одржа под нејзино покровителство, а во организација на СОС Детско село. 

Со настанот „Едно семејство“ СОС Детско село им оддава признание на пријателите, донаторите и на поддржувачите на оваа организација.

„Грижејќи се за деца во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца и реализирање програми за социјална превенција, СОС Детско село е значајна алка во нашето општество, пружајќи дом и топлина за секое дете кое е дел од ова семејство“, рече сопругата на претседателот.

Исто така, таа ја поздрави улогата на корпоративниот сектор и на поединци со чија поддршка СОС Детско село долги години успешно ја врши својата основна функција и претставува пример во нашето општество.

„Верувам дека денешниов настан ќе биде инспирација и мотив и понатаму да помагаме, подаруваме и подржуваме. Тоа не секогаш мора да биде финансиска или материјална поддршка. Доволно е и да го даруваме нашето време, нашата љубов, да посветиме внимание и да се грижиме за сите на кои им е потребна помош“, истакна сопругата на претседателот додавајќи дека без разлика на сите кризи, искушенија, проблеми, да не ја загубиме човечноста и да ги зачуваме надежта и вербата, да бидеме оптимисти и да шириме позитивна енергија дарувајќи љубов затоа што сите сме дел од едно семејство и треба да сме тука еден за друг и во добро и во лошо.

Покрај доделувањето на признанија на дваесетина компании и организации и дваесетина индивидуалци за нивната поддршка, на настанот беа претставени и постигнувањата и корпоративните активности на СОС Детско село во изминатата година, а беше изведен и перформанс од балетското студио Балерина.

11.03.2023 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега