Вештачката интелигенција докажа: Дел од познатата слика на Рафаел ја направил некој друг
Британски научници користеле вештачка интелигенција за да го анализираат платното Madonna of the Rose од почетокот на 16 век, за кое се верува дека е една од многуте Мадони насликани од ренесансниот мајстор Рафаел, и откриле дека лицето на една од четирите фигури е направено од друг сликар. На сликата Марија го држи бебето Исус, од левата страна се Јосиф и малиот Јован Крстител, а на масата е роза, од каде потекнува и насловот на сликата.
Платното изложено во шпанскиот музеј Прадо во Мадрид е дискутирано и претходно, а некои експерти претпоставуваа дека ученикот на Рафаел, Џулио Романо, учествувал во неговото создавање. Други веруваа дека розата и долниот дел од сликата се направени од друг уметник.
Денес, професорот Хасан Угаил, директор на Центарот за визуелно пресметување и интелигентни системи на Универзитетот во Бредфорд, верува дека платното е навистина плод на раката на Рафаел, освен лицето на Јосиф.
„Користевме слики за кои беше потврдено дека се на Рафаел за да го обучиме компјутерот да го препознава стилот до најмалите детали, од удари со четка, палета на бои до сенки, сите аспекти на работата“, рече тој.
„Компјутерот гледа многу подлабоко од човечкото око, до микроскопско ниво“, објаснува Угаил.
„Кога ја тестиравме сликата Madonna of the Rose како целина, резултатите не беа задоволителни“, рече тој. „Затоа тестиравме поединечни делови и така остатокот од сликата беше потврдено дека е на Рафаел, а лицето на Јосиф се покажа дека е единственото што веројатно не го направил“.
Алгоритмот за вештачка интелигенција е создаден од Угаил, кој тврди дека алгоритмот може да ја препознае автентичноста на работата на Рафаел со 98 проценти точност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа