Утре се празнуваат овие светители
Син Асафатов, од племето Симеоново. Пророкуваше 600 години пред Христа, за време на царот Манасија. Му прорече опустошување на Ерусалим. Кога вавилонскиот цар Навуходоносор удри на Ерусалим, Авакум се засолни во Исмаилќанската земја, откаде што потоа повторно се врати и живееше како земјоделец. Еден ден им носеше ручек на работниците на нива, кога одеднаш му се јави ангел Господов и му рече: „Однеси го ручекот што го имаш во Вавилон кај Даниил во јамата лавовска.“ А Авакум му рече: „Господи, Вавилон не сум го видел и јамата не знам каде е “ (Даниил 14 – 33). Тогаш ангелот го зеде за косата и моментално го пренесе во Вавилон, на огромна далечина, кај лавовската јама во којашто беше фрлен Даниил од царот Кир, за казна дека не им се поклони на идолите. „Данииле, Данииле, прими го ручекот што ти го праќа Бог!“, возвикна Авакум. И Даниил прими и јадеше. Потоа ангелот Божји повторно го зеде Авакум и го пренесе во Јудеја, на неговата нива. Авакум пророкуваше за ослободувањето на Ерусалим и за времето Христово. Се упокои во длабока старост, а закопан е во местото Кела. Моштите му ги открија во времето на царот Теодосиј Велики.
Тропар
Угодниче Божји, пророче свети Авакуме, преку тебе во тело како без тело, пренесена беше видливо помошта, за оној кој на Бога угодува. Моли се, јасновидче, нашето време да се исполни со покајание и молитви, кон Оној пред Кого ти претстоиш.
Светата маченичка Миропија
Родена е во Ефес од родители христијани. По смртта на татко ? со мајка ? се преселија на островот Хиос, каде што пострада за Христа. Страдањето на оваа Света девица стана наскоро после страдањето и смртта на славниот маченик Исидор војник (под 14 мај). Кога мачителите го убија Исидор, храбрата Миропија тајно го зеде неговото тело, го покади и чесно го погреба на едно посебно место. Свирепиот кнез Нумеријан слушна дека телото на маченикот е украдено, па сакаше да ги погуби стражарите. Кога дозна дека невини луѓе ќе страдаат заради нејзиното дело, блажената Миропија се пријави сама пред власта и призна дека таа го украде и го погреба телото на маченикот. По наредба на кнезот ја биеја по целото тело и најпосле сета во рани ја фрлија во затвор. Но Господ не ја остави Својата маченичка без утеха. На полноќ затворот го осветли небесна светлина и ? се јави мнозинство ангели со Св. Исидор среде нив. „Мир на тебе, Миропијо,“ ? рече Св. Исидор, „дојде молитвата твоја пред Бога и наскоро ќе бидеш со нас и ќе го примиш венецот што е за тебе подготвен“. Светата страдалница се израдува и во тој миг Му го предаде својот дух на Бога. Од нејзиното тело излезе благоухан мирис, којшто го исполни сиот затвор. Еден од стражарите го виде и го почувствува сево ова, поверува во Христа, се крсти и наскоро и самиот прими маченичка смрт. Света Миропија се пресели во вечноста во 251 година.
Тропар
Премудроста те дарува бесплатно лекарство да подаваш, о Миропијо, саду на Лекарот бесмртен, благодатта те преисполни, правејќи те застапник и за оние кои патот свој не го исправиле, затоа еве пред Христа припаѓаме и на твоите молитви за наше спасение се надеваме.
Преподобен Атанасиј, затворник печерски
Овој свет човек умре после долг подвиг, браќата го измија, го преоблекоа и го подготвија за погреб. Два дена лежеше така мртов и одеднаш оживе. Кога дојдоа да го погребаат го најдоа како седи и плаче. Потоа се затвори во келија и уште дванаесет години поживеа единствено со леб и вода, со никого не прозборе ни збор. Се упокои во Господ во 1176 година.
Тропар
О Атанасие, свет подвижниче, блажен те нарекуваме, ние кои гласот небесен го послушавме, воскреснат пред воскресение, затворник постана за слобода од Христа Бога да добиеш, на покајание по твоите молитви научи нe, оче преподобен, за плачот наш овоземен радост небесна ни донесе во Господа, со твоето неотстапно застапништво.
Свети Иса, епископ Циклански
Еден од тринаесеттемина Сириски отци (под 7 мај). Голем чудотворец. Реката од далечина ја наврте во близина на градот Циклан со молитва. Моштите му почиваат во црквата со негово име во градот Циклан во Сирија.
Тропар
Чудотворче Господов, оче свет Иса, пастиру на овците словесни, кој на стадото Христово не заборави. Моли се и сега во веки за нас, оче свет, да се удостоиме на Бога да угодиме, по твоите свети молитви.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа