Уставен одлучува дали Талат Џафери го дискриминирал Апасиев

 

Уставниот суд денеска на седница треба да одлучи по барањето за слободи и права поднесено од лидерот на Левица Димитар Апасиев, против поранешниот претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

На 3 октомври 2024 година, Уставниот суд одржа јавна седница со присуство на подносителот и поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, кој во барањето е наведен дека со дејствие ја сторил повредата врз подносителот Апасиев.

Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум.

Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права, бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна.

Во барањето се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти.

Станува збор за Предлог-барање за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум кој требало да овозможи понатамошно непречено собирање на уставно предвидените 150.000 граѓански потписи за распишување референдум со следното прашање: Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци бр. 08-3238/1 од 16 јули 2022 година.

На дневен ред на денешната седница покрај барањето за заштита на слободи и права се уште осум иницијативи за оценување на уставност/законитост и еден предлог за донесување на конечна одлука. 

Уставниот суд ќе расправа по иницијативата на Државна комисија за спречување на корупцијата со која е оспорен Законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во иницијативата се наведува дека административните службеници вработени преку К-5 програмата за правична и соодветна застапеност не се дефинирани како посебна категорија на административни службеници и како такви ги имаат истите права и обврски како сите останати административни службеници.

-Со примената и донесувањето на оспорениот закон, законодавецот ги ставил овие лица во повластена нееднаква положба над другите граѓани/административни службеници што претставува повреда на начелото на владеење на правото, начелото на еднаквост, правото на работа и ограничување на уставно загарантираните слободи и права, се наведува во иницијативата. 

09.04.2025 - 08:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега