УХМР: Август годинава екстремно топол

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, месец август годинава, се карактеризира како екстремно топол и просечно врнежлив до сушен месец во споредба со многугодишните просечни вредности од 1991 до 2020 година, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Средномесечната температура се движеше од 18,2 степени во Лазарополе до 28 степени во Гевгелија. Споредено со просечните августовски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната температура беше 1,8 степени надпросечна на ниво на држава.

-Највисоката  максимална температура беше измерена на 16 август во Демир Капија и изнесуваше 42,2 степени. Забележено е од 11 до 18 август појава на топлотен бран. Најниската минимална температура  во текот на месецот беше  измерена во Берово, на 1 август и изнесуваше 8,5 степени. соопшти УХМР.

Оттаму посочуваат дека во месец  август 2024 година, месечната сума на врнежи во државата се движеше од 10 милиметри во Битола до 53 милиметри во Крива Паланка. Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 35 милиметри беше регистрирано во Крива Паланка на 20 август.

 Споредено со августовската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), , додаваат од УХМР,  измерената  месечна сума на врнежи беше помала за 30 отсто од просечната на ниво на држава.

16.09.2024 - 19:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега