Туристите заглавени на аеродромот во Дубаи: Очајно бараат храна и вода


Туристите заглавени на аеродромот во Дубаи изјавија дека очајно бараат храна, а во исто време остануваат без вода, поради големите поплави предизвикани од дожд и грмотевици, јавува Би-Би-Си.

Речиси 50 летови беа откажани во вторникот, а на социјалните мрежи се појавија снимки од луксузни автомобили кои пливаат во порои од вода и поплавени трговски центри, како и потопени аеродроми.

Надлежните упатија предупредување до граѓаните да останат дома, но патниците останаа на аеродромите, и велат дека чекаат со часови и немаат информации. На шалтерите имаше голема гужва, како и групи луѓе кои извикуваа, ракоплескаа и свиреа во знак на протест.

Според сајтот за следење летови „Flight Aware“, 150 летови кои требаше да го напуштат меѓународниот аеродром во Дубаи биле одложени, а 120 биле откажани. Емирати, водечката авиокомпанија во Дубаи, најави суспензија на услугите до четврток наутро. 

Како што соопштија, летовите продолжуваат и денеска од терминалот 1, со напомена дека патувањето е можно само со потврдени резервации, бидејќи летовите се уште се откажани и доцнат.

Патниците преживуваа само со користење на услугите на „царинските“ продавници, каде што производите се ослободени од локални или државни даноци, под услов да ги купуваат туристи кои потоа ќе плаќаат царина и даноци во земјата на дестинација, пренесува медиумот. 

Во вторникот, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) забележаа најголем број на врнежи од пред 75 години. Дождот не е вообичаен во ОАЕ, но повремено се појавува за време на постудените зимски месеци.

Училиштата ќе останат затворени до следната недела, а работата од дома е продолжена за уште еден ден за повеќето вработени во владата. Претседателот, исто така, нареди семејствата погодени од невремето да бидат преместени на побезбедни локации. Најмалку едно лице загина во поплавата, 70-годишен маж кој се удави во автомобил во Рас Ал-Каима, а неодамна беа објавени фотографии кои покажуваат како водата ги поплавува и пустинските области.

18.04.2024 - 14:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега