Трипуновски: Ќе го забрзаме процесот за решавање на проблемите со земјиштето во Пелагонија


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со организацијата ФАО ќе ја решаваат приватно-јавната сопственост за подобро управување и владеење со земјоделското земјиште во Пелагонија.

Пред пелагониските земјоделци, министерот Цветан Трипуновски денеска најави дека процесот за решавање на деценискиот проблем ќе биде забрзан и во интерес на земјоделците.

-Почнува решавање на децениски проблем за земјоделците од Пелагонија, односно околу 2000 земјоделци кои што со денационализација добиле земјоделско земјиште со кое моментно располага ЗИК Пелагонија. Со оваа активност ќе се реши овој проблем и земјоделците ќе може земјиштето да го имаат во владение, а со тоа и да бидат корисници на сите мерки и привилегии што ги нуди државата.  Заедно со ФАО предвидовме одреден рок за активностите кои што заедно со администрацијата на МЗШВ ќе го забрзаме овој процес и проблем кој долги години стои како отворена ситуација, истакна Трипуновски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потврдија дека во последните два месеца исплатени се околу 15 милиони евра субвенции, а со ребалансот обезбедени се дополнителни 20 милиони евра кои со соодветна динамика ќе бидат исплатени на сите земјоделци со што сите субвенции заклучно со 2023 година ќе бидат исплатени.

Во изјава за медиумите, министерот Трипуновски го повика Јавното обвинителство да не молчи за предметите што се процесуирани, и како што рече, ги повикувам и граѓаните да бидат партнери со нас во справувањето со криминалот. Во МЗШВ ќе се водат постапки и за лица вработени во министерството кои го прекршиле законот, нагласи Тришуновски.

На работилницата во Битола, освен министерот Трипуновски, обраќања имаа градоначалникот Тони Коњановски и Мартин Хартвигсен, главно техничко лице и службеник за земјиште од регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија.

19.09.2024 - 13:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега